РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО
МПЦО “СВ. ЗЛАТА МЕГЛЕНСКА” ЗАГРЕБ
Дева денес Надсуштвениот Го раѓа и земјата на Непристапниот пештера Му принесува, ангелите со пастирите славословуваат, мудреците со ѕвездите патуваат. Се роди заради нас Новороденче Бог(Кондак на празникот).
Парохискиот свештеник, протоереј Кирко Велински, својата омилија ја започна со Божиќната порака на поглаварот на Македонската Православна Црква, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во која повикува на размислување за децата и младите, особено зa загрижувачката состојба во семејствата, на се‘ поголем број брачни бродоломи, на насилни прекини на туку започнати животи. Понатаму се апелира за што поозбилно да се свати потребата за што поголем број рожби во семејствата, но и за потребата за изучување на веронауката.
По Божествената Литургија што се одржа во Загреб на ден 07. 01. 2012 година, верниот народ се причести со Светите Тајни Христови.
„Богатиот заради нас осиромаши, земајки ја сиромаштијата на нашето тело за ние пак, во Неговото Тело – Црквата да се збогатува, безмерно обдарувана со божествените, несоздадени дарови на Светиот Дух. Дојде и стана човек за ние да станеме богови по благодат, за постојано, благодатно и соборно да раснеме според мерата на растот на Неговата полнота (Ефес. 4,13).
Овој раст за нас во Црквата – низ тајната на нејзината соборно-евхаристиски живот – не е само благодат, обожение, радост и живот, љубов и слобода туку е болка и тага, страдание, осаменост и напуштеност од сите луѓе. Всушност во овој век и живот тоа е една чудесна, потребна света испреплетеност на овие спротивности“.
(Митрополит Наум, „Слово од Елеуса“).
Од Загреб: Стојанка Тежак