Скопје, 7 јануари 2012 год.- Соборен храм на св. Климент Охридски, Скопје.
Тропар, глас 6.
Христе, разумно Сонце на правдата, ти си засветлил од Дева, и звезда Те покажа сместен во пештера, Тебе - Несместливиот. Мудреците си ги упатил да Ти се поклонат; со нив и ние Те величаме, Животворче, слава Ти.
Зашто дете ни се роди - Син ни се даде; власта е на рамената Негови, и ќе Го наречат: Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот. Неговата власт и мирот бескраен ќе растат врз престолот на Давид и во царството негово, за да утврди Тој и даго зацврсти преку суд и правда отега па до века.
Тоа ќе го направи ревноста на Господ Саваот.
Во дваесет и деветата неделе по Педесетница, на празникот на Рождеството Христово, во соборниот храм на свети Климент Охридски во Скопје, поглаварот на Македонската Православна Црква, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на свештенство од Скопската епархија, отслужи Божествена Литургија. Многубројниот верен народ се причести со Светите Христови Тајни.
На Литургијата присуствуваше и државниот врв на Република Македонија: Претседателот на Р.М. г-дин Ѓорге Иванов, Премиерот г-дин Никола Груевски, претседателот на Собранието г-дин Трајко Вељаноски, градоначалникот на Град Скопје, г-дин Коце Трајановски, како и високи дипломатски претставници во земјава , меѓу кои амбасадорот на САД во Македонија, г-н Пол Волерс и други личности од јавниот живот во Р.Македонија.
Христос се роди!
По Литургијата, Архиепископот г.г. Стефан во чест на празникот на Рождеството Христовo, во Архиепископијата на МПЦ ги прими Претседателот на Република Македонија г-дин Ѓорге Иванов, претседателот на Владата г-дин Никола Груевски, претседателот на Собранието г-дин Трајко Вељаноски, со сопругите, и градоначалникикот на град Скопје г-н Коце Трајановски.
Лето Господово 2012