Божествена Литургија во Струмица
За мудрите и неразумните девојки
„Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки кои ги зедоа своите светилници и излегоа да го пречекаат младоженецот. Петте од нив беа мудри, а петте – неразумни. Неразумните, како ги зедоа светилниците свои, не понесоа со себе елеј; а мудрите, заедно со светилниците, зедоа во садовите свои и елеј; и бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа. А на полноќ се чу викање: 'Ете, младоженецот иде, излезете да го пречекате!' Тогаш сите тие девојки станаа и ги приготвија своите светилници. Неразумните, пак, им рекоа на мудрите: 'Дајте ни од елејот ваш, зашто нашите светилници гаснат.' Мудрите им одговорија и рекоа: 'Да не би да не ни стигне и нам и вам: подобро отидете кај продавачите и купете си!' А кога отидоа тие да купат, пристигна младоженецот и спремните влегоа со него на свадбата, и вратите се затворија. Потоа дојдоа и другите девојки и викаа: 'Господаре, господаре, отвори ни!' А тој им одговори и рече: 'Вистина, ви велам: не ве познавам!' И така бидете будни, оти не го знаете ни денот, ни часот, кога ќе дојде Синот Човечки.“ (Матеј 25, 1-13)
Деца, ајде да видиме, ако тргнеме од аскетско-исихастичкиот принцип и пристап во толкувањето на оваа евангелска приказна, што би бил светилникот, што светлото, а што маслото, итн.?
Девојките се нашите души. Светилниците се нашите срца. Светлото што свети од светилниците е благодатта на Светиот Дух. За да може да светне и да се пројави благодатта на Светиот Дух во нашето срце, а која ни е дадена како залог (влог) при светото Крштевање, срцето мора да се очисти од страстите и да се отвори. Тоа очистување се случува со наше учество во светите добродетели и светите Тајни на Црквата. Од добродетелите би го издвоиле подвигот на постојаното аскетско кажување на молитвата во срцето. Значи, маслото што мудрите девојки го понеле со себе, а кое на неразумните им недостасувало, е токму тоа лично усвојување на благодатта и личниот однос со Бог внатре во нашето очистено и преобразено срце. Заспивањето во ноќта, во којашто чекаме да дојде младоженецот кој се забавува, е нашето упокојување. Со доаѓањето на младоженецот на полноќ се претставува второто Христово пришествие и Воскресението од мртвите. Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во царството на нивниот Отец ( Матеј 13, 43).
Според мене, до тука, оваа евангелска приказна може да се толкува на овој историско-есхатолошки и аскетско-исихастички начин, но не и од тука па понатаму. За понатамошно толкување ќе ни треба лично-педагошкиот пристап.
Мудрите девојки многу добро знаат дека елејот не може да се купи од трговците (продавачите), така што нивниот одговор се однесува токму на нас денес, кои повторно го читаме овој евангелски исечок, ние да се потсетиме на начинот на кој се здобиваме со Благодатта на Светиот Дух и ние да не ја повториме истата грешка, а не на неразумните девојки. Во спротивно, нивниот одговор би бил неумесен црн хумор, што е несоодветно на евангелскиот дух. Би сакал, доколку сте прочитале за друго толкување на ова делче од Евангелието, да ми напишете во вашите коментари, затоа што јас немам време да барам.
Исто, одењето кај трговците како последен погубен чекор нè потсетува дека не можеме да градиме личносен однос со Бог доколку со Него одржуваме трговски или наемнички однос на „ако ми дадеш – ќе Ти дадам“. За ова сум ви говорел и другпат. На тој начин никогаш, освен можеби пред крај, не ќе можеме да поминеме од првиот на вториот степен од духовниот развој. Оној којшто во своите падови и подигања се труди да гради личносен однос со Младоженецот Христос и има барем мал опит од тој однос, ќе остане и ќе Го дочека без оглед на тоа во каква состојба се наоѓа, затоа што знае дека ќе биде спасен со едно „прости ми“.
Кога веќе го спомнавме Второто Пришествие Христово, се потсетив на една мисла од некој свет Отец кој за времето на антихристот рекол (отприлика) дека тогаш ќе ги изгубат душите само таквите кои и во денешно време ги губат. Не дај, Боже! Пресвета Богородице, спаси нè!
Митрополит Струмички Наум