Скопје, 14 јануари 2011 год.- храмот на св. Петка
Во 32-та та недела по Педесетница, на празникот на Обрезание на Господ Исус Христос, свети Василиј Велики, архиепископ Кесариски, во храмот на св.Петка , во населбата Црниче, во Скопје, се отслужи Василиева Литургија. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Тропар на светителот, глас 1.
Твоето учење се рашири по целата земја, и таа го прими твоето слово; преку него си поучувал долично за Бога, си ја појаснил природата на Света Троица, и си го поправил однесувањето на луѓето. Светителу со царско име, отче преподобни, моли го Христа Бога, да ги спаси душите наши.
Свето Евангелие од светиот апостол Лука (зач. 6)
Во она време, се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Бога за сè она што чуја и видоа, како што им беше речено. А кога се навршија осум дена, за да биде обрезан Младенецот, Му кладоа име Исус, известено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата.
А Младенецот растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со премудрост; и благодатта Божја беше врз Него. И секоја година родителите Негови одеа во Ерусалим на празникот Пасха. А кога Он беше на дванаесет години, тие пак отидоа по обичајот во Ерусалим; но при враќањето, кога се завршија празничните денови, Младенецот Исус остана во Ерусалим; а Јосиф и мајка Му не го забележаа тоа. Мислејќи дека е Он со друштво, изминаа еден ден пат и Го бараа меѓу роднините и познатите. Па, како не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат. По три дни Го најдоа во храмот како седи меѓу учители, ги слуша и ги прашува; сите што Го слушаа, се восхитуваа на Неговиот разум и на Неговите одговори. Кога Го видоа, се зачудија; и мајка Му рече: „Синко, што ни направи така? Ете, татко ти и јас се измачивме, барајќи Те.“ А Он рече: „Што сте Ме барале? Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она, кое што е на Мојот Отец?“ Но тие не ги разбраа зборовите што им ги кажа Он. И слезе со нив, па дојде во Назарет; и им беше послушен. А мајка Му ги пазеше сите тие зборови во срцето свое. Исус, пак, напредуваше во премудроста и возраста, и во благодатта пред Бога и кај луѓето.
Преминпортал
Лето Господово 2011
Друго:
Поука
Старец Паисиј Светогорец
Во Црквата не треба да создаваме проблеми, ниту да ги преувеличуваме малите човечки престапи што се случуваат, за да не создадеме поголемо зло, па лукавиот да се радува. Оној што заради незначителен престап, многу се потресува и гневно и грубо се однесува, наводно за да поправи нешто, личи на лесноумен клисар, кој гледајќи како капе една свеќа грубо и со залет се стрчува за да ја исправи, а патем ги турка луѓето и ги урива шанданите создавајќи голем неред за време на богослужбата. За жал, во наше време имаме многу такви што ја потресуваат Мајката Црква. Оние што се образoвани се фатија за догмата со својот ум, а не со Духот на Светите Отци. Неуките пак, се фатија за догмата, но со заби, и затоа кога разговараат за црковните теми крцкаат со забите така што прават поголема штета, отколку непријателите на Православието.