07.05.2010 - Охрид
Премиерот Никола Груевски, на маргините од Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог попладнево во Охрид оствари билатерални средби со претставници на верските заедници кои учествуваат на форумот.
На средбата со претставниците од православните цркви, односно со делегациите на Македонската православна црква, Руската православна црква и Антиохиската патријаршија, Груевски ги запозна со стојбите во државата, при што истакна дека Македонија се повеќе вложува во културата и во образованието.
Како што информираа организаторите на конференцијата, премиерот Груевски до г. Кирил, архиепископ Јарославски и Ростовски на Московската патријаршија кој ја предводи делегацијата на РПЦ, изрази особена благодарност за нивната поддршка во решавањето на прашањето меѓу Македонската православна црква и Српската православна црква. Архиепископот Кирил укажа дека во Руската православна црква прават се што е можно за признавање на МПЦ и нејзината автокефалност и дека „на Македонија и претстои период на премрежија, но оти по извесен период тие проблеми ќе станат зрели и најпосле ќе се решат“.
Премиерот побарал лична заложба од рускиот патријарх за признавање на Македонската православна црква. Груевски и г. Кирил го поделија ставот дека оваа светска религиска конференција треба да стане традиционална.
Груевски се сретна и со претставникот на Еврејската заедница, рабинот Ендрју Бејкер, директор на меѓународни врски со Евреите. На средбата станало збор за привршувањето на работите на музејот на Холокаустот во Скопје, кој начелно е договорено да биде отворен идната година, на 11 март, кога се одбележува денот на депортацијата на македонските Евреи.
На средбата со делегацијата на Исламската заедница, присуствувал и претседателот на ИВЗ во Република Македонија, Реис Ул Улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи. Тој притоа изразил задоволство „од начинот на менаџирањето од страна на премиерот Груевски на верските и религиските права“, имајќи ја предвид бројноста на верските заедници во Македонија. Како што истакнал Реџепи на средбата со Груевски, ИВЗ досега немала никакви проблеми со државата и во меѓуверскиот соживот.
Груевски оствари средба и со претставници на Католичката црква, и на Евангелско-методистичката црква, при што меѓудругото станало збор за денационализацијата на нивните имоти, односно обезбедување простор за изградба на резиденција на Католичката црква и за нова Евангелско-методистичка црква во Прилеп.