ПСАЛМ 73
Молба за помош
1 Зошто, Боже, нé отфрли засекогаш? Зошто гневот Твој се разгоре на овците од Твоето пасиште?
2 Сети се на Твојот народ, кого уште од порано го придоби, ги избави со жезолот како наследство Твое, и на гората Сионска, на која Ти се насели!
3 Зачекори кон вечните урнатини, непријателот уништи сé во светилиштето Твое.
4 Твоите непријатели викаа во Твоето Собрание, поставија свои знаци таму.
5 Мафтаа и кршеа со секири кај горниот влез,
6 со секира и дрвен чекан ги искршија дрвените резби;
7 го запалија со оган Твоето Светилиште, го осквернија местото, на кое името Твое престојува, до земја го разурнаа.
8 Рекоа во срцата свои: „Ајде докрај да ги истребиме!” И ги изгореа сите Божји светилишта во земјата.
9 Знаците свои не ги гледаме, нема повеќе ни пророк, и никој од нас не знае, до кога?
10 До кога, Боже, ќе се гордее над нас непријателот? Вечно ли противникот ќе го презира името Твое?
11 Зошто ја повлекуваш раката Своја и десницата Своја во пазувите Свои ја криеш?
12 Но Бог, Царот мој е уште од пред вековите, Тој приготвува спасение среде Земјата!
13 Боже, со силата Своја Ти го расече морето и ги сотре главите на водните страшила.
14 Ти му ја здроби главата на Левијатанот и им ја даде како храна на пустинските животни.
15 Ти ги отвори изворите и потоците, ти ги исуши реките непресушни.
16 Твој е денот и Твоја е ноќта: Ти ги постави светилата и сонцето;
17 Ти ги создаде сите граници на Земјата, летото и пролетта Ти ги определи.
18 Сети се сепак на ова; непријателот Го навреди Господа; луѓе безумни го презираат Твоето име.
19 Не предавај ја на ѕверовите душата на Својата грлица; не заборавај ги засекогаш душите на сиромасите Твои.
20 Погледај на Својот завет, зашто сите мрачни домови по земјата се исполнија со беззаконици;
21 Да не се врати посрамен потиснатиот; сиромавиот и бедниот нека го прославуваат Твоето име.
22 Стани Боже, според правдата Своја пресуди; сети се како секој ден Те хули безбожникот.
23 Не заборавај ја викотницата на Твоите непријатели, буната на оние што Те мразат, која постојано се крева против Тебе.
„Ќе му пеам на Господа се додека постојам. “
Од преполнетото срце на Давида и другите псалмописци, се изли копнежот на секое срце човечко да заедничари со Бога да испроси од Бога прошка за согрешенијата, изливајќи го низ благопријатната песна своето покајание пред престолот Божји и од Сесилниот Господ да побара заштита од злото кое постојано го притиска.
Секоја Богобојажлива душа колку повеќе ги чита светите псалми се повеќе во неа се буди радоста која произлегува од посетата на Божјата благодат и се влева во неа мир и сигурност од закрилата на цврстата закрила Божја.
Господ наш Исус Христос ги посочува и како пророштва за она што стана со Него а заради нашето спасение /лк.24.44/.Светите Апостоли пак ги препорачуваат на верните за усовршување во верата/Еф.5.19/. Великите отци наши /св.Атанасиј Велики , св.Григориј Ниски , св. Јован Златоуст .../со голема радост говорат за нивната душеполезност во своите беседи и одговори на верниците за поуките од псалмите, препорачуваќи ги на верните што повеќе да ги читаат. Светата Црква поделуваќи ги во таканаречени катизми ги распоредила во богослужбениот неделен циклус со цел да се прочита целиот псалтир за една седмица, а за време на Великиот пост и два пати. За жал денес катизмите честпати се прескокнуваат на богослужбите од причини да се постигне во време и другите обврски да можат да се завршат, а ако се земе во обзир и тоа што во многу храмови не се служзи секојдневно/ да не бидам погрешно сватен ова најчесто се случува од практична па и финансиска невозможност/за да не се маргинизира псалтирот и верните да не се исклучат од големите дарови кои произлегуваат од неговото читање се препорачува на верните покрај молитвеното правило во своите молитви да го практикуваат и читањето на псалмите со голема богобојазливост за да нацрпат од овој благодатен извор многу дарови за своја душевна полза - за мир, утешение, здравје и спасение .Амин!
о. Горан Тасески
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Друго:
Ново издание од Повардарската епархија (18.02.2010)