Души, кои сте далеку од Бога залутани и од Божествените Дарови лишени, дојдете и искрено, од длабочините на срцето, да се вратиме како блудниот син и запееме: Отче благи, кој Си на Небесата, ти згрешивме многу, смилувај се и спаси нè, зашто прибегнуваме кон милоста Твоја.
Утрена, втора недела од Постот
Поуки од светите отци: Не барај ништо друго освен да се боиш од Него, да Го љубиш и да одиш по сите патишта Негови. Тоа е твојата пофалба и тоа е твојот Бог.
Свети Григориј Палама
Молитва:
Подај ни, Боже, барајќи ја Твојата прошка, да станеме нова твар во Исуса Христа, со нова цел и послушност кон Тебе и обновена решителност да живееме свој живот по Твојата волја, со благодатта Твоја. Амин.
Читање од Светото Писмо:
Исаија 5, 16-25
Битие 4, 16-26
Соломонови Изреки 5, 15-23; 6, 1-3
Созерцание: Оти патиштата на човекот се пред очите на Господа, и Он ги гледа сите патеки негови.
Соломонови Изреки 5, 21
Подготви: А.Л.
Тропар, глас 4.
Во трпењето на многу искушенија бо Твоите подвизи, Георгие си ја претрпел и смртта огнена, и по својата смрт си примил нераспадлив венец со маченичките хорови, и сега достојно се населуваш во земјата на кротките, блажени. Моли се на Христа Бога за нас, кои со вера се поклонуваме на гробот од твоите мошти.
Светиот маченик Георгиј Кратовски 24/02/2009
Македонец од градот Кратово. По занает златар. Во срцето и со сета душа христијанин. Имаше осумнаесет години кога Турците сакаа да го потурчат, но остана тврд во верата како прекрасен дијамант. Тогаш Турците го мачеа со најлути маки и најпосле жив го запалија. Пострада за Христа на 11 февруари 1515 година во Софија, во времето на царот Селим и се прослави со невенлива небесна слава.
Светиот свештеномаченик Власиј 24/02/2009
Родум од кападокиската област. Богобојазлив и кроток уште од раното детство. Заради своите големи добродетели беше избран за епископ на градот Севастија. Во тој незнабожечки град Св. Власиј беше големо духовно светило. Во времето на тешкото гонење на христијаните Св. Власиј го храбреше своето стадо и ги посетуваше Христовите маченици по затворите, меѓу кои особено се истакнуваше славниот Евстратиј. Кога градот Севастија остана сосем без христијани - едни пострадаа, други побегнаа - тогаш старецот Власиј се повлече во планината Аргеос и таму се насели во една пештера. Дивите ѕверови го познаа светиот човек и се приклонија кон него и ги милуваше. Но гонителите го најдоа светителот и во неговото скривалиште и го поведоа да му судат. Патем Власиј исцели едно момче на кое му беше застанала коска во грлото; и на поплаката на една вдовица дека волкот ѝ го грабнал прасето направи со силата на својата молитва и волкот го врати украденото. Мрачните судии го мачеа жестоко, го биеја и го стружеа. Со својата непоколебливост во верата Свети Власиј многумина ги обрати кон Христа. Заедно со него беа затворени седум жени и две деца. Прво ги заклаа жените, а потоа и чудесниот Власиј со децата. Пострадаа и се прославија во 316 година. Народот му се моли на Св. Власиј за здравјето на добиците и за заштита од ѕверовите. (Извор: www.mpc.org.mk ; Форо: http://www.patriarhia.ru/ )