Стоејќи, Спасителе, пред гробот Лазарев и повикувајќи мртовец, си го подигнал како заспан. Отфрлајќи го распадливото, на Твојот збор излезе повиен во погребните повои. Сè е можно за Тебе, секоја твар Ти служи, Господи на љубовта, сè Ти се покорува: Спасителу, слава Ти!
Вечерна, петок воочи Лазарева сабота
Поуки од светите отци: Покажуваш ли секогаш човекољубие спрема твојот брат?
Свети Јован Златоуст
Молитва:
Воскресни нè и нас, Господи, земи ги нашите животи и нека Ти бидат посветени. Господи, дај ни да не бараме од Тебе да се прилагодиш на нашите намери, туку ние да се предадеме во Твојата промисла, секогаш творејќи ја волјата Твоја. Амин.
Читање од Светото Писмо:
Исаија 58, 1-11
Битие 43, 25-30
Соломонови Изреки 21, 23-31; 22, 1-4
Созерцание: Ете го постот, што го избрав: раскини ги оковите на неправдата, одврзи ги врските на јаремот, и угнетените пушти ги на слобода и скрши го секој јарем; раздели го лебот свој со гладните, и скитниците сиромаси одведи ги во домот свој; ако видиш гол, - облечи го, и од еднокрвниот не се криј.
Исаија 58, 6-7
Подготви: А.Л.
Светиот Архангел Гавриил 08/04/2009
Тој е благовесникот на воплотувањето на Синот Божји. Еден од големите седум ангели што претстојат пред престолот Божји. Му го јави на Захарија раѓањето на Св. Јован Предвесник и самиот за себе рече: „Јас сум Гавриил кој стојам пред Бога“ (Лука 1, 19). Неговото име, Гавриил, значи маж - Бог.
Зборувајќи за Благовештение Светите отци толкуваат дека е испратен архангел со такво име што ќе означи кој и каков ќе биде Оној што ќе се роди од Пречистата Дева. Ќе биде значи Маж - Бог, крепок, силен Бог. Некои дознаа дека истиот тој Гавриил им го јави на Јоаким и Ана раѓањето на Дева Марија и дека тој го поучуваше Мојсеј во пустината како да ја напише книгата Битие. Светите отци мислат дека Гавриил му принадлежи на првиот и највисок чин на небесните сили, на серафимскиот, зашто серафимите стојат најблиску до Бога.
Тој е значи еден од седумте серафими најблиски до Бога. Имињата на тие седуммина се: Михаил, Гавриил, Рафаил, Уриил, Селатиил, Јегудил, Варахиил. На овој број некои им го додаваат и Еремиил. Секој од нив има посебна служба, а сите тие се рамночесни. Зошто Бог не го испрати Михаил? Зашто неговата служба е да ги крши непријателите на Божјата вера. А службата на Гавриил е благовестење за човековото спасение.