Посадувајќи го виноградот и повикувајќи ги пратените, Спасителот е близу. Дојдете сите кои се стремите постот да го одржите, да се радуваме на платата зашто Оној Кој дава е богат и полн со штедрост. Потрудувајќи се малку, да ја примиме во душата Неговата милост.
Вечерна, четврта седмица од постот
Поуки на светите отци: Биди ревносен во душата своја, а никако тоа не го искажувај со телото, ниту со изгледот, ниту со слово, ниту со какво загадочно однесување. Па и тоа прави го, но тогаш кога си престанал да го потценуваш ближниот.
Свети Јован Лествичник
Молитва:
Боже, Отче наш, помилуј нè слабите во делата и должностите кои ги вршиме, трудејќи се во Твојот виноград. Дај ни ја потребната вера, смирение и неизмерна љубов да Ти служиме со трпение, истрајност во вистината и христијанска љубов. Амин.
Читање од Светото Писмо:
Исаија 28, 14-22
Битие 10, 32; 11, 1-9
Соломонови Изреки 13, 19-25; 14, 1-6
Созерцание: Кој оди право, се плаши од Господа, а кој е расипан во патиштата свои, Го презира.
Соломонови Изреки 14, 2
Подготви:А.Л.
Од Православен календар на МПЦ
Пренос на моштите на Свети Никифор, патријарх Цариградски 26/03/2009
Управуваше мудро и ревносно со Светата Црква како најголем цариградски архипастир. Кога Лав Ерменин стана против иконите, тој му се спротивстави на царот и прво го советуваше, но потоа го изобличи. За ова нечестивиот цар го протера на островот Проконис. На тој остров имаше манастир којшто самиот Никифор го беше изградил во чест на Св. Теодор. Таму овој исповедник на православната вера помина тринаесет години, а потоа се упокои во Господ во 827 година. Кога изгинаа сите цареви иконоборци и на царскиот престол седна Михаил со мајка му Теодора, а на патријаршискиот беше вратен патријархот Методиј, тогаш (846 година) моштите на Свети Никифор ги пренесоа од Проконис во Цариград и прво ги положија во црквата Света Софија од која беше прогонет за време на животот, а потоа во црквата на Светите апостоли. Главното празнување на овој јерарх е на 2 јуни, а на 13 март се празнува откривањето и преносот на неговите нетлени мошти. Свети Никифор е прогонет од Цариград на 13 март, а по деветнаесет години на истиот датум во престолнината ги донесоа неговите Свети мошти.
Светата маченичка Христина Персијанка 26/03/2009
Беше луто мачена во Персија во 6 век заради нејзиното непоколебливо исповедање на верата во Христа. Мачителите толку ја камшикуваа што изнемоште и умре. Нејзината душа влезе во Царството на Господ Христос.
{moshits}