Пријдете, верни, да пиеме не од земниот извор, но од источникот на светлината, поклонувајќи се на Крстот Христов, зашто Крстот негов е наша слава.
Утрена, Крстопоклнона Недела
Твојот Крст, Господи, е свет и носи исцеление на болните од гревот. Поклонувајќи му се, припаднуваме пред Тебе, помилуј нè.
Поуки на светите отци: …кога човекот е лишен од Светиот Дух, како да се надеваме за негово спасение, како потоа тој ќе може исправен да оди?
Свети Јован Златоуст
Молитва:
Господи Благ, научи нè со секој нов ден, со секој нов опит подобро да ги разбираме Твоите зборови: »кој ќе го загуби својот живот заради Мене, ќе го најде«. Губејќи се себе во Твоја служба, да се збогатиме со радоста на животот. Амин.
Читање од Светото Писмо:
Исаија 10, 12-20
Битие 7, 6-9
Соломонови Изреки 9, 12-18
Созерцание: Не давај да застрани срцето мое кон лукави зборови и да врши грешни дела. Да се исправи молитвата моја како кадило пред тебе, воздигнувањето на моите раце – жртва вечерна.
Псалм 140, 4; 140, 2
Подготви: А.Л.
Од Православен календар на МПЦ
Светиот маченик Конон Градинарот 18/03/2009
Родум од Назарет. Беше благ и незлоблив и во сѐ угоден на Бога. Во времето на Декиевото гонење го мачеа за Христа. Но тој остана цврст во верата, а незнабожечките судии остро ги изобличи за нивното безумство. Со клинци во нозете, врзан за колата на кнезот, овој кроток и незлоблив светител го влечкаа сѐ додека не изнемоште и падна. Тогаш за последен пат Му се помоли на Бога и Му го предаде својот дух во 251 година.
Преподобен Исихиј Постник 18/03/2009
Роден е близу Бруса во 8 век. Но се оддалечи во една гора наречена Мајонис, злогласна заради демонските привиденија. Таму си направи себеси колиба и една црквичка во чест на Св. апостол Андреј. Самиот ја загради градината и ја обработуваше за да може да живее од својот труд. Со својата молитва твореше големи чуда. Прорече дека после неговата смрт на тоа место ќе биде устроен женски манастир. Еден месец пред смртта го провиде денот и мигот кога ќе се упокои. На полноќ во проречениот ден луѓето ја видоа неговата колиба огреана од необична светлина. И кога дојдоа го најдоа мртов. Го погребаа во црквата на Св. Андреј, а подоцна Теофилакт, амасискиот епископ, го пренесе во градот Амасија. Се упокои мирно и се пресели во Царството на својот Господ во 790 година.
Преподобен Марко Подвижник 18/03/2009
Аскет и чудотворец. Замонашен од својот учител Св. Јован Златоуст во четириесеттата година од животот, Марко помина уште шеесет години во Нитриската пустина во пост, молитва и пишување на духополезни книги. Целото Свето Писмо го знаеше наизуст. Беше многу милостив и плачеше над бедата на секое Божјо создание. Еднаш плачејќи Му се помоли на Бога за слепото малечко на една хиена и тоа прогледа. Од благодарност хиената мајка му донесе една овновска кожа. Но светителот ѝ забрани на хиената во иднина да ги коле овците на кутрите луѓе. Причест примаше од раце на ангели. Неговите беседи за духовниот закон, за покајанието, за трезвеноумието итн. спаѓаат во првокласната црковна книжевност, нив ги фалеше и возвишениот патријарх Фотиј.
Посети:{moshits}