Кнежино
Манастирот Св. Ѓорѓи - Кнежино, се наоѓа на 5 км од Кичево и е сместен во прекрасен планински предел, завиткан во зимзелена и листопадна шума. Идеалната надморска височина за живеење е од 800 до 1000 метри, а манастирот се наоѓа на 912м.
За Македонскиот благочестив народ, манастирот е значаен, од културно-историски и духовен аспект. Ктитор на манастирот е богољубивата Кнегиња Кита, сестра на големиот Крал Марко.
Пронајдовме темели на црква, фрески и прекрасен под од мозаик од XIV век. Фреските се изработени од големите и далеку прочуени зографи Михаил и Ефтихиј. Тоа се зографите кои ја живописаа и црквата "Света Богородица - Перивлепта" во Охрид.
Со сондажите, се утвди, дека под веке откриените темели, од XIV век, има темели од ранохристијанска базилика (III до V век).
Во манастирскиот двор, наидовме на ѕидини од конак, украсени со керамопластика - реткост, од таков тип, на македонските конаци. Кај ктиторското место, од левата страна, до црквата, во гробница,откриено е телото на благочестивата Кнегиња. На нетрулежниот скелет сеуште стоеа сребрени петлици од облеката, на раката - прстен со рубин, на рацете - алки сребрени со плитка резба.
Според преданието, а и евидентни факти, од страна на Османлиите манастирската црква била разурната а конаците запалени. Биле убиени околу 1.200 души.
Со векови, во манастирскиот двор, лежеа гробови и земја натопена со крв. По Божјо благоволение, гробовите се отворени, маченичките коски прибрани, и во моментов чекаат на изградба на достоинствена костурница.
Остатоците од 75 метарскиот конак, кои се откриени, како и 60 метарскиот конак кој чека на откривање, ни кажува дека манастирот "Свети Ѓорѓи - Кнежино", буктел од монашки живот.
Над манастирот поминувала Виа Игнација.
Тоа, ни дава за право, да го наречеме и прифатиме за голем духовен центар. Во манастирот има 3 свети и чудотворни води, од кои многумина и денес наоѓаат лек. Првата е посветена на Преполовение, втората на света Недела,а третата е на света Петка.
Од годинава, започна обновување на монашкиот живот во манастирот.
Господ Ви дал многу.
Можеби, сега е моментот, кога треба да Му се заблагодарите и да помогнете во изградбата на овој Негов дом.
Со посета и даренија на манастирот, се молиме, имињата на Вашите семејства, Бог да ги запише во Книгата на вечниот Живот.