Преподобен Наум Охридски Чудотворец 03/07/2009
Ученик на Светите Методиј и Кирил и еден од Петточислениците коишто најревносно соработуваа со овие словенски апостоли. Свети Наум патуваше во Рим, каде што се прослави со чудотворна моќ и со голема ученост. Знаеше многу јазици. Со помош на царот Борис Михаил, по враќањето од Рим тие се населија на бреговите на Охридското Езеро. Додека Свети Климент дејствуваше како епископ во Охрид, дотогаш Свети Наум основаше манастир на јужниот брег на езерото. Тој манастир и денес го краси брегот како што и името на Свети Наум ја краси историјата на словенското христијанство и низ вековите беше извор на чудотворна сила и засолниште за болните и за неволните. Околу Свети Наум се насобра мноштво монаси од сите страни на Балканот. Беше мудар учител, единствен раководител на монасите, одлучен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Неуморно се трудеше и на преведувањето на Светото Писмо и на другите црковни книги од грчки на словенски јазик. Вршеше чуда и за време на животот и после смртта. Неговите чудотворни мошти до ден денес восхитуваат со многубројни чуда, посебно со исцеленијата од тешки болести, особено од лудило. Се упокои во првата половина на 10 век.
Свети Нифонт Чудотворец 05/01/2009
Роден е во Пафлагонија, воспитан во Цариград на дворецот на еден војвода. Како млад западна во лошо друштво и се расипа, се предаде на мноштво гревови и порорци. Заради гревовите не можеше да Го моли ни Бога. По милоста на Пресвета Богородица се врати на патот на правдата и се замонаши. Имаше безброј виденија од небесниот свет. Четири години водеше тешка борба со демонот којшто постојано му шепотеше: „Не постои Бог! Не постои Бог!“ Но кога му се јави Самиот Господ Исус како жив на иконата, Нифонт стекна голема сила над злите духови и се ослободи од тешките искушенија. Беше толку проѕорлив што ги гледаше ангелите и демоните околу луѓето исто како што ги гледаше луѓето и ги распознаваше човечките помисли. Со ангелите разговараше често, а со демоните се препираше. Ѝ подигна црква на Пресвета Богородица во Цариград, собра монаси и мнозина ги спасуваше. Александрискиот архиепископ Александар по откровение од небото го посвети за епископ на градот Констанциј на Кипар. Во тоа време Свети Нифонт беше веќе стар. Добро управуваше со Црквата некое време, па се пресели во Царството Христово. Пред смртта го посети Св. Атанасиј Велики, архиѓаконот на александриската Црква и му го виде лицето после смртта осветлено како сонце.
Евангелие и поука за 05/ 01/2009
Свето Евангелие од светиот апостол Лука (зач. 24)
Во она време се задржа Исус на едно рамно место; беа таму и мнозина Негови ученици и многу луѓе од цела Јудеја и Ерусалим, и од приморјето Тирско и Сидонско, кои беа дошле да Го чујат и да се исцелат од болестите свои, како и оние што страдаа од нечисти духови; и се излекуваа. И сиот народ сакаше да се допре до Него, зашто од Него излегуваше сила и ги лекуваше сите. А Он, како ги подигна очите кон учениците Свои, им говореше: „Блажени сте вие, сиромашните, зашто ваше е царството Божјо! Блажени сте вие, што сега гладувате, оти ќе се наситите! Блажени сте вие, кои сега плачете, оти ќе се насмеете! Блажени ќе бидете, кога ќе ве намразат луѓето, и ќе ве одделат и похулат, и го исфрлат името ваше како лошо, заради Синот Човечки! Зарадувајте се во оној ден и развеселете се, оти голема е наградата ваша на небесата. Зашто така постапуваа со пророците и нивните татковци!
Авва Доротеј
...Знаев еден, браќа мои, којшто доспеа во една толку бедна состојба. Во почетокот, ако некој од браќата говореше нешто, оној плукаше на секого и возвраќаше: „Што е тој? Не постои друг освен Зосим и нему сличните.“ Потоа почна и нив да ги потценува и да вели: „Никој не е подобар од Макариј.“ Нешто подоцна почна да зборува: „Што е Макариј? Нема подобар од Василиј и Григориј.“ Но малку по ова почна и нив да ги потценува и да вели: „Што е Василиј? Што е Григориј? Нема други, само Петар и Павле.“ А јас му реков: „Навистина, брате, ти и нив ќе ги омаловажиш.“ И верувајте, за кусо време почна да зборува: „Што е Петар и кој е Павле? Не постои никој освен Света Троица.“ Подоцна се возгордеа и против Самиот Бог, така што дојде надвор од себеси. Затоа, должни сме, браќа мои, да се подвизуваме против првата гордост, за да не би западнале малку по малку во совршена гордост.