Скопје,24ти декември 2023 год-храм на св.вмч.Димитриј
на празникот на
Преподобен Данило Столпник; Преподобен Лука Столпник; Преподобен Никон Сувиот; Светиот маченик Миракс;
Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Лука 17:12-19
12. И кога влегуваше во едно село, Го сретнаа десет лепрозни и застанаа подалеку,
13. па со силен глас повикаа: „Исусе Наставниче, смилуј се!”
14. Штом ги виде, им рече: „Отидете и покажете им се на свештениците!” И тие, одејќи, се очистија.
15. А еден од нив, кога виде дека е излекуван, се поврати и Го прослави Бога гласно;
16. и падна ничкум пред нозете Негови, благодарејќи Му. А тој беше Самарјанин.
17. Исус, пак, одговори и рече: „Зар не се излекуваа десетмина? Каде се деветмината?
18. Како не се најдоа да се вратат и другите и да Му заблагодарат на Бога, туку само овој туѓинец?”
19. И му рече: „Стани, оди си! Твојата вера те спаси!”
Поука на денот: Старечник
Говореа како авва Јован Колов кога се упатил еднаш кај некој од тивејските Старци во Скитот, останал во пустината. А Аввата, кога го зел неговиот сув стап, го засадил и му рекол: „Полевај го секој ден дури не донесе плод.“ А водата била толку далеку од нив што одел навечер а се враќал наутро. И така, после три години, оживеал стапот и донел плод. А Старецот, кога го зел неговиот плод, го однел в црква, и им рекол на браќата: „Земете, јадете од плодот на послушанието“.