Во параклисот посветен на Пречистанските Преподобномаченици
Во Свештена Пречистанска Обител „Благовештение на Пресвета Богородица – Кичево
Господи, Кој со длабока мудрост човекољубиво управуваш сѐ, и на сите им даваш сѐ што е полезно, единствен Создателу, душите на Твоите слуги упокој ги, зашто сета надеж ја положија на Тебе – Творецот и Создател и наш Бог.
Наоѓајќи се на ден пред големиот празник Педесетница, правиме спомен на починатите во верата отци наши, браќа и сестри. Светата православна Црква, движена од љубовта Христовата, постојано нѐ поттикнува да се молиме на Господа за душите на покојниците, знаејќи дека смртта е само една врата, преку која човечката душа преминува од животот овде на земјата, во животот на идниот век.
Кога Црквата си спомнува за починатите со вера во воскресение, Во параклисот посветен на Пречистанските Преподобномаченици оваа Свештена обител изврши молитвено сеќавање на сите пораноупокоени и одслужи Заупокоена Литургија на која заедничаревме евхаристиски со живите во Христа браќа и сестри но се помоливме и за нашите браќа и сестри кои не се со нас туку - се во прегратките на Христа.
Значи Црквата се состои од две собранија: едното, на оние кои сѐ уште се борат против злото во овој свет и пред сѐ, против злото во себеси и второто, на оние коишто веќе торжествуваат на Небесата.
Светиот подвиг со расудување, со големото самоодрекување, кој се раѓа од големата вера и од изливите на љубовта спрема Бога, на човекот му ја носат вистинската радост во неговиот живот и тој е среќен што живее, зашто неговото срце лета славејќи Го својот Доброчинител Бог, се радува и што ќе умре, зашто повторно ќе биде близу до Бога, и таму ќе го продолжи своето славословие. Кратко речено, ја чувствува истата радост и затоа што живее и затоа што ќе умре. Во Рајот сигурно ќе биде подобро, бидејќи овде добива дел од рајската радост од Бога, но бидејќи и радоста на земјата е голема, а онаа поголемата уште не ја познал, првата ја чувствува како полнота. Впрочем и Христос ни има кажано “Царството Небесно е внатре во вас” (Лука 17, 21).
За Преминпортал: Дејан Блажевски
6ти јуни 2020 лето Господово