Стихири на Господи повикав
Кога беше испратен при тебе, славниот благовесник Гаврил, те нарече со твоето небесно име Благодатна, откривајќи ни ја во него сета човекољубива милост на Пресвета Троица кон нас, грешните негови рожби. А милоста Негова е блага вест за Црквата: Он слезе и од тебе, Пречиста Богомајко и Дево, позајми тело, а во замена ни подари Божество. Раѓајќи Го неискажливо Ти, всушност, ја роди Црквата, бидејќи ѝ го даде телото на Црквата. Затоа, достојно е навистина да те ублажуваме, ние кои те имаме за своја блага посредничка и усрдна заштитничка, слатка утеха во искушенијата и неволите. Ти си основа на пророците, глава на апостолите, храброст на мачениците, темел на учителите, слава на сè земно, радост на сè небесно, украс на сета твар. Почеток и извор и корен на неискажливи добрини. Врв и совршенство на сè свето. И ниедна пофалба изречена од боговдахновената уста на Црквата низ чудесно сплетените стихови на Акатистот во твоја чест, па колку и да е голема, не е доволна да го воспее твоето величие и небесна слава.
Во исчекување на светите и благодатни денови на сечесните Страданија Христови и на Неговото сесвето Воскресение, монашкиот наш собор, умножен со верните кои ревносно ги поминаа снежните навеви за да земат удел во оваа небоземна пофалба, ѝ ги упати последните акатистни поздрави на Сепречистата Владичица наша Богородица во оваа Света Четириесетница. Беше тоа ноќ на срдечно благодарење на нашата неуморна Застапничка, којашто никогаш не нѐ заборава во нејзината мајчинска грижа и помош. „Радувај се, цвету на нетлението; Радувај се, венецу на воздржанието; Радувај се, образот на воскресението го заблескуваш; Радувај се, ангелското живеење го објавуваш; Радувај се, дрво на светли плодови, oд кое се хранат верните; Радувај се, дрво за сенка разлистено, под кое се покриваат мнозина“ – и сѐ така во продолжение на ноќта се редеа радосните величанија за Боговозвеличаната. А умилниот глас на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, со којшто ги упатуваше поетските благодаренија, како да нѐ пренесе во благодатните прегратки на Мајка наша небесна. Тој таинствен допир на божествената љубов продолжи и се умножи на Светата Литургија, отслужена од нашиот Старец и браќата јеромонаси.
Повеќе/https://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/2018-bdenie-akatist-bogorodica/