ВО КАТЛАНОВСКО БЛАЦЕ ПОСТАВЕН КАМЕН-ТЕМЕЛНИК НА СПОМЕНИК И ПАРАКЛИС
Траен спомен за мировниците
На местото на трагедијата ќе се постави бронзена скулптура-хеликоптер со скршени елиси, на кои ќе бидат испишани имињата на загинатите мировници, а на педесетина метри кон патот ќе се гради црквичка која ќе го носи името на Свети Теодор Тирон - заштитник на војниците
Меморијален парк посветен на мировниците ќе се гради во Катлановско Блаце, каде што на 12 јануари годинава во хеликоптерска несреќа загинаа единаесет македонски војници враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА во БиХ. Точно на местото на трагедијата на постамент од еден метар ќе се постави бронзена скулптура - хеликоптер со скршени елиси на кои ќе бидат испишани имињата на загинатите мировници, а на педесетина метри подалеку ќе се гради црквичка, која ќе го носи името на Свети Теодор Тирон - заштитник на војниците. Симболика ќе има и во малиот верски храм, кој ќе има олтар и влез на предната страна но, од задната страна ќе биде недовршен, што ќе ги симболизира прерано згаснатите и недовршени млади животи. Проектот, со одобрение на семејствата на загинатите мировници ќе го реализира Општина Петровец, а официјалниот почеток на градежните работи, со благослов на поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан почнаа вчера на денот на општината.
- На овој значаен ден на општината, сакаме да им оддадеме должна почит на војниците кои трагично го загубија животот враќајќи се од успешно спроведената мисија. Овде, на местото на трагичниот настан постојано доаѓаат голем број граѓани, па по иницијатива на жителите на Блаце и Тотинце и со поддршка на ужалените семејства пошироката околина ќе ја уредиме и ќе им ја посветиме токму ним. Се надевам дека изградбата ќе заврши до големиот празник Илинден, на 2 август - рече градоначалникот на Петровец, Звонко Цветковски.
Лошото време и дождот не беше пречка за неколку десетици жители од околните села заедно со претставниците на локалната власт, свештените лица и членовите на ужалените семејства да излезат и со своето присуство уште еднаш да си припомнат за трагедијата што се случи пред речиси четири месеци. Низ солзи и со длабока почит се потсетија на потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Игор Ѓорески и Бране Спасовски, заставниците Тони Давитковски и Славчо Василев, постарите водници Јанко Шириќ, Александар Васиќ, Александар Тасковски и Мики Ивановски и на десетарот Златко Велјановски.
Елизабета АРСОСКА
Фото: Н.Батев Вечер
Посети: {moshits}