Македонската православна црква - Охридска архиепископија, длабоко сочувствува со населението од населбите во Скопскиот регион, како и од другите населени места низ државата, кое настрада во невремето што го зафати главниот град, како и делови од Р. Македонија.
Го молиме Семилостивиот Бог да ги прости душите на оние што ги загубија своите животи во оваа незапаметена временска непогода.
Апелираме до сите православни верници, но и сите луѓе со добра намера – да го покажеме своето христијанско милосрдие и хуманост и да помогнеме на настраданите, без разлика на националноста и верската припадност.
Во градските храмови на Скопската православна епархија, во вторник, по празничната Литургија, ќе бидат отслужени парастоси за сите загинати православни христијани во овој трагичен настан.Свештената историја на Православието ни сведочи дека при вакви несреќни собитија и околности, православните христијани се оддавале на пост и покајание, за да измолат од Бога милост и одминување на искушенијата. Затоа, наоѓајќи се на самиот почеток од чесниот Богородичен пост (кој почнува на 14 и трае до 28 август), ги повикуваме сите православни христијани на сенароден пост и покајание.
Во претстојниот период, Македонската православна црква - Охридска Архиепископија ќе испрати и соодветна хуманитарна помош за настраданото население.