18.07.2016.
Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, и оваа година Повардарската епархија организираше бесплатно групно крштевање во водите на реката Бабуна во Велес. На крштевката, која се одржа на 16. 07. 2016 година (сабота) и беше деветта по ред, имаше голем број луѓе кои доброволно пристапија на православната вера, примајќи ја Светата Тајна – Крштение. Бројот на оние кои пристапија кон Светата православна црква, оваа година изнесуваше 31.
Чинот на осветување на водите на реката Бабуна и Светата тајна - Крштение го извршија протоереј Борис Симоновски, свештеник Јованче Илиев и ѓакон Бобан Ѓорѓиевски.
Чинот започна во 10 часот, а најпрво беше извршен чинот огласување, во кој свештенослужителите ги повикаа сите оние кои дојдоа за да се крстат да се откажат од сатаната и од сите негови дела и да се соединат со Христа. Потоа сите заедно го прочитаа Символот на верата за да покажат дека веруваат православно.Откако беа осветени водите на реката Бабуна, огласените беа помачкани со елејот на радоста и еден по еден влегуваа во реката Бабуна и во името на Отецот и Синот и Светиот Дух трикратно беа потопени, го примија Светото Крштение и станаа членови на Светата Православна Црква.
На истиот овој ден, четврта година по ред, се организираше групна крштевка и во водите на Тиквешкото езеро, каде со чинот на Светата Тајна Крштение началствуваше свештеникот Трајче Грозданов и покрсти 8 луѓе.
Извор: Повардарска епархија
Друго: