РЕДОСЛЕД НА СТРУШКАТА ЕОРДИЈА
Во контекст на обновената традиција за струшката Еордија, која еве веќе седми пат по ред е збогатена и со присуството на светите мошти на Великомаченикот Георгиј, би сакале да ве известиме дека ктиторската Вечерна богослужба ќе започне на 07 мај во 16:00 ч. во храмот посветен на св. Вмч. Георгиј Победоносец во Струга, после што ќе следи молитва за ктиторите.
Подолу го поместуваме редоследот на Литијата која ќе започне после вечерната богослужба во 17:00 ч:
РЕДОСЛЕД НА СТРУШКАТА ЕОРДИЈА
На Литијата ќе ѝ претходи церемонијално полициско возило, кое на својствен начин ќе го одбележи чествувањето на Св. Георгиј како покровител на полициските сили, кои без оглед на нивната национална и верска припадност секогаш се тука да го чуваат мирот и безбедноста во нашата заедничка Татковина. Помеѓу возилото и Литијата ќе дефилира на коњ посебен редар и најавувач на процесијата, кој ќе биде облечен во автентична трибунска облека од времето на древната Римска Империја, односно од времето кога живеел Св. Георгиј Победоносец. На чело на самата Литија ќе биде член од Бигорското братство кој ќе го бие клепалото, носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалтите и братството на Бигорскиот манастир , оркестарот на град Скопје, чудотворната икона на Св. Георгиј Победоносец, сестринството од манастирот во Рајчица, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, Митрополитот Тимотеј и други Митрополити, и најпосле најголемата светиња - моштите на Светиот во раскошно украсениот епитаф. Оваа година моштите на Светиот Победоносец Георгиј, покрај тоа што ќе бидат носени од страна на видни струшки граѓани, ќе бидат чувани и од посебна мијачка гарда, кои во знак на славниот и многу значаен за нашата историја крај од каде што доаѓаат моштите, односно од мијачките манастири – Бигорскиот и Рајчичкиот, ќе бидат облечени во мијачка носија.
Со цел да се запази редот на Литијата, оние што нема да можат да се вклучат во самата Литија заради мноштвото народ, пожелно е да му оддадат достојна почит на Светиот, стоејќи на обете страни на улицата и поздравувајќи ги моштите со фрлање на цвеќе, бидејќи тоа е вистинскиот начин да се пречекаат моштите и така да се стекне благословот на Св. Георгиј.
Извор: Бигорски манастир