22/03/2016
Радувај се во Господа, прославен граду Битола, на Четириесетте победоносни Маченици Христови славна родителке. Зашто тие на насилството и ветувањата од телољубивите Агарјани, мажествено спротивставувајќи се, непоколеблива основа за верните станаа, откако крвта своја маченичка како дар на Господа му ја принесоа. Поради тоа, венецот на животот нетлен го примија и постојано за мир во Црквата и спасение на душите наши се застапуваат.
(Слава на Литијните, глас 5)
Празнувајќи го споменот на светите 40 Битолски преподобно-маченици и светите 40 Севастиски маченици, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Божествена Литургија во храмот посветен на нивниот спомен, на Кркардаш, Битола.
Верниот народ, од сите краеви на Битола, просејќи ги молитвите и застапништвото од светите маченици, се искачи и се поклони на местото на нивното чесно страдање (Кркардаш – Kırk Kardeş тур. = Четириесет браќа).
Тропар, глас 4-ти: Ти, Кој доброволно…
На Битола благоуханите цветови, и сопричесници на мачениците Христови, светите Четириесет од душа да ги чевствуваме. Зашто тие, возвестувајќи ја православната вера, мракоподобната агарјанска заблуда ја изобличија; и поради отсечените божествени глави, од раскошот на рајот се насладуваат.
Извор: Преспанско- пелагониска епархија