На Цветници, оваа година, како и минатите година, во дебарската црква на Успение на Пресвета Богородица (до која порано била и зградата на Митрополијата), во населбата Варош, се отслужи Златоустова Литургија, на која ѝ претходеше осветување и делење на врбови гранчиња на присутните верни. Со Божествената Литургија свештеноначалствуваше архимандритот Партениј во сослужение со архиерејскиот намесник о. Благој Спировски и јеромонасите Доситеј и Јосиф од Бигорскиот манастир.
Истата вечер, како и во понеделникот и вторникот вечерта, во Бигорскиот манастир се отслужи Последование Жениха. Имено, се служи Утрена богослужба, на која се пее Алилуја со тропарот:,,Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ и блажен е слугата што ќе го најде буден, а недостоен ќе биде оној што ќе го најде да спие. Затоа пази, душо моја, сонот да не те притисне, и на смрт да не бидеш предадена и вратите на Царството да не се затворат пред тебе, но разбуди се, извикувајќи: Свет, Свет, Свет си Боже, по молитвите на Богородица, помилуј нѐ.“
Додека се пее светилниот: „Твојата свадбена одаја ја гледам украсена, Спасителу мој, а облека немам да влезам во неа. Осветли ги одеждите на душата моја, Светлодавецу, и спаси ме...“, се изнесенува иконата на Христос Младоженецот што Го изобразува Господ со трнов венец, со врзани раце кај што држи трска.
Според Посниот Триод на третиот ден од Последование Жениха се пеат стихови составени од монахињата Касијана, кои се посебно трогателни и покајни, па мнозина верни со нетрпение го очекуваат тој дел од богослужбата. Следењето на овие богослужби по градовите низ Македонија порано било традиција.
Исто така, во првите три дена од Страсната седмица беа отслужени Литургии на Претходно осветени дарови. На Велики Понеделник се чествуваше споменот на блажениот Јосиф и на исушената смоква. Велики Вторник беше во спомен на параболата за десетте девојки. Во Велика Среда се славеше споменот на жената блудница која Го помаза Господа со миро, затоа што овој настан се случил пред страдањата на Спасителот.
Од утре, на Велики Четврток, во Бигорски ќе се изврши општ Маслосвет, после Василиевата Литургија. Попладнето, се читаат 12-те Страдални евангелија. Во петокот утрото се Царските часови, а вечерта Оплакувањето Христово. И на крајот од Страсната седмица, на Велика Сабота наутро, се богослужи Василиева Литургија кога како престол ќе биде Кувуклијата, и новата Плаштаница, која што е рачно изработена.
Во Бигорскиот манастир оваа година бројот на верници коишто од сите краишта на државата притекнаа за да присуствуваат на богослужбите во Страсната и Светлата седмица, достигна максимална бројка и бидејќи капацитетот е полн, беше потребно итно да се набават уште педесетина легла, за барем малку да се намали бројот на оние кои нема да бидат примени.
Известува: јеромонах Доситеј
Посети:{moshits}