Соопштение (29.05.2015 15:22)
Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија на својата седница одржана на 29 мај 2015 г. ја разгледа актуелната состојба за односите помеѓу Македонската и Српската православна црква.
Синодот на МПЦ начелно го прифаќа предлогот за продолжување на дијалогот меѓу двете Цркви, објавен во соопштението од Архиерејскиот Собор на СПЦ. Истовремено, архиереите на МПЦ изразуваат благодарност до Соборот на СПЦ за потсетувањето дека Христовата љубов е безусловна, и во тоа име, доколку е потребно, а во границите на своите можности, Синодот на МПЦ може повторно да побара милост од надлежните државни органи во случај на неповолно завршување на споменатите судски процеси.
Исто така, во меѓусебната комуникација, додека траат разговорите, Синодот очекува, а би било општеполезно, браќата од СПЦ да се однесуваат со почит кон МПЦ, и тоа барем во онаа мерка што тие постојано ја манифестираат кон инославните.
Составот на комисијата за разговори и конечните ставови, Синодот на МПЦ ќе ги донесе на седницата во полн состав.
ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА САС НА МПЦ