Соопштение од Канцеларијата на САС на МПЦ (10.05.2015 15:36)
Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија изразува длабока болка за загинатите припадници на безбедносните сили на Република Македонија, кои својот живот го положија во одбрана на нашата Татковина. Во овие денови на жалост, се молиме на распнатиот и воскреснатиот Христос, да ги успокои душите на починатите чеда свои, во место светло, спокојно и мирно.
Истовремено, духовно сострадувајќи со нивните родители, сопруги, деца, роднини и пријатели, стоиме бодро и Го молиме милостивиот Господ да им испрати дух на утеха за нивните најблиски.
Со силна надеж во Божјата милост и љубов кон нашиот народ и земја, упатуваме непрекинати молитви до Семилостивиот Бог за скорешно надминување на овие тешки и трагични состојби и за враќање на мирот и безбедноста кај луѓето.
Од Канцеларијата на САС на МПЦ