Христос се роди! Навистина се роди!
Бог стана човек, за да човекот стане бог (по благодат).
Бог слезе на земјата за да го подигне човекот на небесата.
Раѓањето Христово е празник на помирување помеѓу Бога и човекот. Со раѓањето Христово, повторно се воспостави предходно, од гревот раскината заедница помеѓу човештвото и Бог. Откако човекот згреши, тој онтолошки ја раскина таа заедница, затоа што нема ништо заедничко помеѓу светлината и темнината и во Бог нема нешто нечисто.
Само Бог е моќен повторно да ја воспостави заедницата со паднатото, во грев, човештво. И Бог сакаше прв да снисходи и се роди во темната пештера, за да со светлината на Своето раѓање не просветли сите и секој кој верува и му се поклонува (преку своите вера и дела) на младенецот има живот вечен и радост во изобилие. Помирувањето е заеднички акт, Бог е љубов и Тој е секогаш спремен да ни прости, но дали ќе дојде до помирување зависи од човекот.
Најзаслужна за нашето спасение и помирување со Бог е Преславната, Преблагословената и Незаменливата, секогаш дева Марија, кој прва му рече “да” на Бога и преку нејзината утроба ние се помиривме и повторно можеме да се надеваме на спасението и животот вечен во царството на Бога.
Но исто така и ние сме должни да го сакаме Бога и ближниот и секогаш да си простуваме. Да не дозволуваме никогаш сатаната да застане помеѓу нас да ни ја помрачува светлината на љубовта и радоста Божја. Дури и секоја наша грешна помисла да ја отфрлиме и да му дадеме простор на Бог за секогаш да е помеѓу нас и во нас. Зашто ако не си простуваме, тогаш и Бог не ни простува и ние сеуште се наоѓаме во темнина и сеуште за нас не се родил Христос. А како тогаш можеме да го прославуваме раѓањето Христово, ако Христос не се родил ( за нас)?
Нека Богомладенецот Христос, во овие празнични денови, ни ја осветли темнината во нашите срца и не озари со роженствената радост на овој празничник за да можеме од сесрце да го сакаме Него и сето човештво Негово и заедно со пастирите и ангелите да запееме: “Слава на Бога во висините, меѓу луѓето мир и на земјата добра волја!”
Kind Regards
Abbot Gavril
Macedonian Orthodox Monastery
St Prohor Pchinski
Address: 130 Springs Rd
Donnybrook, 3064
Victoria, Australia
Emial: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Web: http://www.stprohor.org.au/