Вечерна со Литија и Духовна Академија во Радовиш на Патронот и Заштитникот на Градот Св. мч. Спасо Радовишки
На 20. 08. 2014 година, седма година по ред, на Патронот и Заштитникот на Градот Радовиш - Св. мч. Спасо Радовишки, од страна на неуморното Здружение на Граѓани Св. Спасо Радовишки со изготвена посебна програма за одбележување, се отпочна со празнување на вечерна богослужба, во храмот Св. Троица во Радовиш, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско – Гостиварски г. Јосиф, а во присуство на Надлежниот архиереј Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение на Архимандритот на Лесновскиот манастир отец Дамаскин и свештеници од Брегалничката епархија.
На вечерната богослужба на Литијните стихири се изнесе иконата на Светиот маченик Спасо Радовишки и потоа Митрополитот Тетовско - Гостиварски г. Јосиф го благослови и пресече празничниот леб. После Вечерната богослужба, Митрополитите г. Јосиф и г. Иларион, зедно со Градоначалникот на Општина Радовиш г. Сашко Николовски, Пратеничката во Собранието на РМ г – ѓа Нада Ципушева од Радовиш, Претседателот на Советот на Општина Радовиш г. Никола Миовски, Преставниците од Советот на Општината Радовиш, Здружението на граѓани Св. Спасо Радовишки, свештенослужителите и многуројниот православен народ, со иконата на Светиот маченик Спасо Радовишки, изврши литија од храмот Св. Троица до параклисот посветен на Св. мч. Спасо Радовишки, кој се наоѓа на Градскиот Плоштад во Радовиш, каде и изврши молебен кон Св. мч. Спасо Радовишки и Митрополитот г. Иларион одража пригодно слово. Истата вечер, во дворот на храмот Света Троица во Радовиш во присуство на многуброен православен народ, се одржа духовна академија. На духовната академија, свое обраќање имаше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион кој се заблагодари на сите кои од пред седум години помогнаа и официјално да се прогласи и слави Светиот маченик Спасо Радовишки како Патрон и Заштитник на Градот Радовиш, кои и сега напорно и неуморно се трудат овој празник торжествено да се прославува како и што прилега на Светител кој е роден токму во Радовиш. Свој настап имаше Црковниот хор Св. Спасо Радовишки од Радовиш, Архиепископскиот хор Хармосини при црквата Св. вмч Георгиј – Криви Дол во Скопје и Патријаршискиот хор Св. Јован Кукузел од Бугарската Православна Црква со пеење на духовно црковни песни. Исто така Митроплитите присуствуваа и на Изложбата 425 години Руска Патријаршија од која беа поставени фотографии во дворот на црквата Света Троица во Радовиш по повод Патронот и Заштитникот на Градот Св. мч. Спасо Радовишки.