На 09.08.2014 година кога Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија го прославува споменот на патронот на нашата света Црква, светиот Климент епископ Охридски и споменот на светиот великомаченик Пантелејмон, Неговото блаженство, Архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан чиноначалствуваше на света Златоустова Литургија во манастирот „Свети Пантелејмон“, село Нерези.
На Неговото блаженство му сослужуваа игуменот Агатон (Апостоловски), јеромонасите д-р Григориј (Настески) и Атанасиј (Арсоски) и протоѓаконот Антонио Дујоски. На светата Литургија во презвитерски чин беше ракоположен ѓаконот Диме Ивановски, а во ѓаконски чин дипломираниот теолог Методија Митановски. Пред светата Литургија во чин на чтец беше ракопроизведен дипломираниот теолог Жарко Брњарчевски. По завршувањето на Литургијата беше извршен Мал водосвет.
Во своето архипастирско слово претстојателот на нашата света Црква потенцираше дека денес се навршува големиот осумстотини и педесет годишен јубилеј од осветувањето на овој велелепен манастир, некогашен голем монашки центар, чија архитектура и фрескопис претставуваат редок бисер на Православието и без кого е невозможно да се замисли ниту една светска монографија за средновековната и византиската духовност и уметност.
Извор: Скопска епархија