Божествена Литургија во Марков манастир
Во Марковиот манастир „Св. вмч. Димитриј Солунски“ во с. Маркова Сушица, на 2. август 2014. г., кога во МПЦ ОА се прославуваат св. пророк Илија, св. Илија патријарх Ерусалимски и св. Илија патријарх Антиохиски, се одслужи Божествена Литургија предводена од јеромонахот Атанасиј Арсоски. Православните христијански души се причестија со Светите Христови Тајни.
Светиот пророк Илија ја имаше благодатта толку ревно да ја исполни Божја волја за вистина, добрина, правда и слобода што беше жив вознесен на Небото. Неговата дејност меѓу луѓето чудесно се преплетува и со историјата и копнежот по слобода на ова македонско парче земја.
Архиепископот охридски и македонски – Стефан и Архиерејскиот Синод на МПЦ - ОА во Илинденското послание од аспект на пророштвата на св. Илија и од нашето историско искуство ја разгледуваат денешната цивилизациска замка кога современиот човек во трката по благосостојба ја губи слободата и човечноста. Затоа Илинденското послание повикува на бескрајна доверба во Божјата љубов.
На крајот на Литургијата, игуменијата и славеничка Илијана со сестринството на Марковата обител ги почестија верниците со трпеза на љубовта.
За Преминпортал: Ратислав Кардалев