На 24. 03. 2014 година, во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес се одржа прв Великопосен концерт на црковниот младински хор „Св. Кирил и Методиј“ од Велес. На овој прекрасен црковен настан присуствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, речиси целото свештенство на Повардарската епархија, како и голем број присутни кои ги проследија велелепните звуци на нашиот младински хор. Во рамките на Великопосниот концерт беа изведени девет композиции, во кои покрај хорот, како солисти настапија Вариса Хајдарпашиќ, Ана Михајлова, свештеникот Мики Миовски, како и диригентката на хорот Веселинска Маџарова - Андова. Крајот на овој прв Великопосен концерт, кој ќе се одржува секоја наредна година во понеделникот од Крстопоклоната недела, беше резервиран за уште едeн значаен настан во црковното битисување на нашата Света Црква. Имено, за прв пат во поновата историја на Македонската православна црква, беше испечатена Литургијата за мешан хор на Атанас Бадев, основоположникот на црковното хорско пеење во Македонија. Автор на новиот електронски запис на нотниот текст на Литургијата е диригентката на младинскиот хор, Веселинка Маџарова - Андова. Таа се обрати пред присутната публика, објаснувајќи ги мотивите и текот на 5-месечниот труд, со кои, со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се испечати ова значајно богоугодно дело. На крајот на овој настан пред присутните слово изрече и Митрополитот Агатангел , кој благословувајќи го овој настан, истакна дека ова дело е од непроценливо значење за нас македонските православни верници, но и за македонската духовна музика воопшто и дека благодарение на овој труд, од сега па натаму, сите македонски хорови ќе имаат пред себе прекрасно отпечатена книга со Литургијата на Бадев.
Извор: Повардарска епархија