На многаја лета, возљубен наш старецу!
7/20 февруари 2014 лето Господово,
спомен на св. Партениј Лампсакиски
Именденот на старецот е вистински празник и своевидна слава за целото братство и духовните чеда. Зарем би можело да има поубава и подобра од Бога подарена можност од овој светол и преблагодатен ден, за децата да ја положат пред својот татко онаа трошка благодарност и сета своја, макар и најмала љубов, и така барем малку да возвратат за онаа преизобилна грижа и љубов, со која ги облева пожртвуваното татковско срце. Бигорските монаси и големото мнозинство духовни чеда што споменот на славниот Лампсакиски Чудотворец, свети Партениј, и љубовта кон својот старец, архимандрит Партениј, ги донесе во манастирот од сите краишта на нашата татковина, со радост ја прегрнаа можноста да го зарадуваат и успокојат срцето на својот возљубен родител во Христа. На наша голема радост и митрополитот Тетовско-гостиварски, г. Јосиф не пропушти да дојде и да ја сподели со своето некогашно братство радоста и благодарноста кон Бога за благодатта излеана по молитвите на неговиот и наш старец. Тогаш и светителите, кои се радуваат на таа љубов, го испраќаат од небото својот благослов, кој во манастирот пристигна заедно со чесните мошти на великиот светогорски старец од XΧ век, Ефрем Катунакиски, чудесен дар за нашиот игумен и братството од самиот угодник Божји, подарен преку христољубивото срце на неговото духовно чедо, сепреподобниот старец Јосиф од тихувалиштето на св. Ефрем Сирин на Света Гора Атонска. А кога љубовта е така преизобилна и преголема за да се смести во тесните рамки на зборот, тогаш зборуваат срцата. И тие благодарни монашки срца се отворија за од нив да потече вистински излив на синовска љубов:
„Најпреподобен отче свети, севозљубен наш татко во Христа, слава, радост и пофалбо наша!
Стоиме немоќни, со трепет во душите наши, пред целото тоа море од гласови и зборови, а сепак ниеден од нив не може достојно да Ви ја искаже сета наша љубов и благодарност, како што Ви доликува. Затоа најсмирено и синовски Ве молиме да го слушнете гласот од нашите срца, разгорени од пламенот на Вашата божествена љубов, глас погласен и појасен од сите изговорени и запишани слова. Говорат силно нашите срца неискажливи зборови на небесна љубов, љубов евангелска, љубов божествена, како ’Христово писмо, составено преку Вашата служба, напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог, не на камени плочки, туку на човечки срца‘ (2. Кор. 3, 3). Затоа, христородителу наш свети, Вие кој Го изобразувате Христа во срцата наши (сп. Гал. 4, 19), примете го ова срдечно слово, повеќе отколку секое друго наше дело, зашто немаме дела достојни на Вашата чудесна љубов, ниту, пак, некаков говор да се опише таа. Оти има ли јазик што би ги искажал Вашите подвизи на љубовта, дела на Евангелието свето? Можат ли мислите наши сето тоа да го домислат? Или очите наши да го опфатат? Ушите наши да го дослушнат? Подвизи добри, дела сјајни, зданија славни, монаси бројни, духовни чеда недобројни! Тоа титанско дело макотрпно сте го извршувале со зборови, чудеса, љубов и жртва. Каде што не сте успевале со едно, сте успевале со друго. Каде, пак, што со ништо друго не можело, сте успевале со својата крв духовна, пролевајќи ја постојано за чедата Ваши. Секој ден за нас умирате (сп. 1 Кор. 15, 31). А Христос Единиот, Човекољубивиот, Вечноживиот, Милостивиот, го благослови секој Ваш збор и труд, и солзите, и воздишките, и жртвите Ваши. Така Вашето апостолско семе добар и изобилен плод донесе: оваа света Бигорска обител славна, обновена, воскресната, каде непрестајно се слави името Божјо, каде неуморно се проповеда верата наша православна. Ова дело на Вашата љубов нѐ наведува на молитвено и благодарствено молчење, повеќе одошто на каков било говор.
А таа љубов Ваша, од Христа највозљубениот подарена, о, света, небесна и божествена љубов – преку која една душа други души љуби, љубов ангелска, која сѐ очистува, сѐ простува, на сѐ се надева, на сите им служи, сите ги милува, на сите им помага, паднатите ги подигнува, извалканите од гревови ги мие, над грешните чеда солзи лие... Сигурно знаеме ’дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, кое било друго создание нема да може да нѐ оддели од љубовта‘ Ваша во Христа Исуса, нашиот Господ (Рим. 8, 38-39). Затоа овој скромен плод на нашите раце, овој епитрахил во кој се вткаени нашите срдечни молитви и со кој, како продолжена Христова рака, ги проштевате нашите безбројни гревови, нека Ве потсетува постојано на бескрајната љубов и предаденост со која Ви ги доверивме своите души, следејќи Ве низ сите искушенија и радости, до радосниот покој во Христовото вечно царство.
На многаја лета возљубен наш старецу и татко во Христа!
Бескрајно Ве љубат, смирено Ви се поклонуваат и свештено Ве целиваат Вашите недостојни синови и ќерки, црнорисците од светата Бигорска и Раичка обител“.
И кратката беседа на нашиот највозљубен старец, што следеше потоа, беше претесна за во неа да се собере сета благодарност на неговото смирено богољубиво срце, трогнато до солзи, зашто очите негови го откриваа и она што зборовите не можеа да го искажат:
„Високопреосвештени владико, Ви благодарам на Вашето присуство, на Вашата љубов. Ви благодарам и вам чесни отци и преподобни монаси, и на сите вас, мои чеда и пријатели што љубовта ве донесе во нашето светилиште на овој ден. Срцето ми е полно кога ве гледам така радосни. Очите ми се полнат со солзи, а душата моја бескрајно се радува, бидејќи браќата и сестрите ме облеаја со својата љубов уште пред Вечерната богослужба, дарувајќи ми прекрасни подароци. Но неспоредливо повредна од секаков подарок е нивната љубов и верност што секој ден ми ја принесуваат, а со тоа тие својата верност и послушание Му ги принесуваат на Христос нашиот Бог. Зашто сите ние заедно, најпрвин јас, а и целото наше братство и сестринство, сме се определиле да Му служиме на нашиот Спасител верно и до крај, пролевајќи многу духовна крв. А сведоштво дека овие монаси навистина постапуваат така се токму многубројните духовни чеда на манастирот ширум целата наша татковина. Сведоштво е и тоа што вие денес во толкав број сте собрани во оваа свештена обител, а ве собрал токму големиот светител Партениј Лампсакиски, за кого верувам дека самиот ме избра и чие име го носам по Божја промисла. Зашто кога нашиот надлежен владика, митрополитот Тимотеј, ми понуди самиот да си одберам монашко име, јас одбив, велејќи: ’Владико свети, нека биде онака како што ќе благословите Вие; ете, јас се покорувам на Вашата волја и би сакал името што ќе го носам да ми го одберете Вие‘. Така, своето име Партениј прв пат го слушнав на самото мое монашење, во оваа црква, и знам дека преку тоа се откри молитвеното застапништво на овој голем светител, дека свети Партениј го избра моето срце, односно дека Бог, по Својата неискажлива промисла, веројатно му дал послушание да ме заштитува до крајот на животот. Затоа ќе ве замолам сите вас, мои возљубени духовни чеда, усрдно да упатувате молитви кон него, молејќи го да ме чува до крајот на овој земен живот, бидејќи, како што вели Самиот наш Господ, секое добро дело е добро само доколку се заврши до крај. Така и ова наше дело, што пред речиси 20 години сме го започнале со Божја помош, треба да го доведеме до крај и да излеземе пред Господа оправдани. Секако, не би можеле да се оправдаме на ниеден начин, освен по Неговата голема милост, оти делата наши, какви и да ни се чинат, секогаш се мали пред очите на Господа. Простете и молете се за мене. Ви благодарам уште еднаш за вашето присуство“.
Навистина бевме трогнати од огромната љубов со која верните духовни чеда му пристапуваа на нашиот старец, радосно пожелувајќи му добро здравје и долгоденствие, молејќи Му се во срцето на Господа и на Неговиот слуга, свети Партениј Лампсакиски, да му даде уште поголема благодат и сили за носење на крстот. Можеби затоа, како израз на благодарност, поради крстот што отец Партениј го носи за сите свои духовни чеда, благочестивата Милка Симоновска со семејството, како и верните чеда Дијана и Томе Вељановски од Битола, му подарија на отецот два прекрасни архимандритски крста. А за благолепието во храмот секако ќе придонесе и новиот рачно резбан аналој, со украсни орнаменти инспирирани од познатите бигорски чешми, подарок од верните охриѓани, за чијашто изработка ревносно се потруди младиот резбар Даниел Колевски.
И како што Божјата промисла тоа прекрасно си го уредува, на велелепната и преблагодатна божествена Литургија, во чест на Лампсакискиот Чудотворец, нашиот добар пастир неизмерно ги стопли срцата на присутните во храмот со своето поучително слово за добриот Пастир, сликајќи го пред нас со умешни зборови длабокото значење на оваа Христова парабола. Како одговор на световното сфаќање за власт и раководство, тој меѓу другото нагласи дека: „(...) Само Христос е единствениот Водич, единствениот Пастир, Кој ја победи смртта и даде вистинска смисла на човечкиот живот. Тој е Бог, Единствен, Вистинит, Милостив, Спасител на светот. Затоа пастири можат да бидат само оние кои преку Него влегуваат и преку Него утеха даваат, кои сами се напасуваат, а ги напасуваат и оние што им се довериле во Христа (...) А сите оние, пак, кои сакаат да водат без Христа, било да се тоа цареви, или во денешно време политичари, сите коишто се без Христа, паѓаат во јама и своите следбеници ги повлекуваат заедно со себе. За нив Христос вели: ’Може ли слепец слепец да води? Не ќе паднат ли обајцата во јама?‘ (Лк. 6, 39) Вчера еден мирјанин, гледајќи ја претходно атмосферата во манастирот, колку луѓето беа полни со радост, со ентузијазам, и колку монасите се радосни, восхитен ме праша: ’Како, отче, оваа радост и овој оптимизам да го пренесеме кај сите луѓе?‘ Јас му одговорив дека тоа единствено е можно само преку Христос, бидејќи единствено Христос е Тој Кој му даде вистинска смисла на животот и светот (...) Затоа и ние, доколку се угледаме на нашиот Христос и Го проповедаме на сите во нашето опкружување, ќе бидеме вистински Христови ученици. Нели секој од нас е повикан да ја шири светлината и радоста на Христовата наука? На секој од нас Христос му се обраќа и вели: ’Вие сте сол на земјата‘ и ’Вие сте светлина на светот‘ (Мт. 5, 13, 14) Трудете се и вие, чеда мои, да бидете достојни на ова свето призвание од Христа“.
Повеќе:
http://bigorski.mk/index.php?content_type=sluzhbi_bdenija&action=details&record_id=1148