Од Слово на Рождество Христово – Св. Лав Велики, папа Римски
Возљубени, да се зарадуваме, (зашто) денес се родил нашиот Спасител. И нема место за тага таму каде што се раѓа живот, кој уништувајќи го стравот од смртта, ни ја принесува радоста на ветената вечност. Сите учествуваат во тоа празнување, а причината за сеопштата радост е една – нашиот Господ, разрушувачот на гревот и смртта, кога не наоѓајќи никој слободен од вина, дошол сите да ги ослободи. Нека се радува светијата – тој се приближува до својата награда. Нека се весели грешникот – нему му се открива простувањето. Нека се воодушевува незнабожецот – него го повикуваат кон живот.
Поради тоа, и Синот Божји, при исполнувањето на времето (спореди Гал. 4:4), востановено од недостижната возвишеност на Божествениот совет, примил човечка природа, која требал да ја помири со нејзиниот Творец, за изумителот на смртта – ѓаволот – да биде поразен токму преку поразената од него природа. Во таа борба, која е започната заради нас, двобојот се води според великиот и восхитувачки закон на правдата: Семоќниот Господ стапува во борба со најжестокиот непријател, не во Своето величие, туку во нашето смирение, застанувајќи пред ѓаволот во истиот облик и во истата природа, која е причестена и кон нашата смртност, но совршено безгрешна. Се разбира, за тоа Рождество не важи она што се зборува за сите останати: “Никој не е чист од сквернота, дури и младенецот, кој барем еден ден поживеал на земјата” (срв. Јов. 14:4-5). Затоа, преку тоа единствено Рождество не поминало ништо од плотската похот, ништо од гревовниот закон не го допрело. Од родот Давидов се избира царствената Дева, предодредена да Го прими Свештениот плод. Таа, која уште пред да Го зачне во своето тело Синот Божји и Човечки, Го зачнала со својот ум. И за да не би таа во незнаење на Вишата волја да се исплаши кога ќе се случи невообичаено, од беседата со Ангелот го дознала она што Светиот Дух ќе го направи во неа. И да верува дека нема да го загуби своето целомудрие онаа, на која и претстои да стане Богородица. И зошто воопшто требало да се сомнева во невообичаено зачнување, кога тоа било ветено со силата на Севишниот? Таа вера се укрепува и од претходното чудо – неочекуваното дарување на чадородие на Елисавета, за да не би било кој да се посомнева дека Оној кој и дарувал зачнување на неплодната, може да и дари зачнување и на Девицата.
И така, Словото Божјо, Бог, Син Божји, Кој во почетокот беше во Бога, преку Кого сè станало и без Кого ништо не би се случило (спореди Јован 1:1-3), стана Човек за ослободувањето на човекот од вечната смрт . Без да го намалува Своето величие, Тој го примил на Себе нашето смирение на таков начин што, останувајќи она што бил и примајќи го она што не бил, го соединил вистинскиот облик на работ и оној образ, во кој бил еднаков на Бог Отецот и со тој сојуз Тој ги соединенил двете природи, без да ја прими нижата слава и без да ја намали вишата. Ете зошто при сочувување на својствата на двете суштини (природи), кои се обединети во една Личност, величието го зема врз себе смирението, силата – слабоста, вечното – смртноста. Така за исплатување на долгот за нашата состојба ,неповредливата природа се соединила со природата подложена на страдање. Вистинскиот Бог и вистинскиот Човек се обединуваат во единството на Господа, и Тој е Посредникот помеѓу Бога и луѓето (спореди 1 Тим. 2:5), (Оној) Кој можел да умре во едната природа и да воскресне во другата, како што било потребно за нашето исцелување.
И така, спасителното Рождество на Оној Кој станал чувар на целомудрието и јавување на вистината не можело да ја наруши девствената непорочност.
Тоа раѓање Му прилегаше, возљубени, на Христос, според Божјата Сила и Божјата премудрост (спореди 1Кор. 1:24), за Тој, по Своето човештво, да биде подобен на нас во сè и да нè надминува по Своето Божество. И ако Тој не би бил вистински Бог, тогаш немаше да ни донесе исцелување, а ако не беше вистински Човек, тогаш немаше да ни служи за пример. Затоа, кога Господ се родил, ангелите што ликувале пееле и возвестувале: “Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!” (Лука 2:14). Тие гледаат дека небесниот Ерусалим се гради од сите народи на светот. Колку само треба да се зарадуваат луѓето за тоа неискажливо дело на Божествената љубов, штом ангелите така му се радувале од висините?!
Возљубени, да Му благодариме на Бога Отецот преку Неговиот Син во Светиот Дух, Кој по Своето големо милосрдие, откако нè возљуби, се сожали над нас и нам, умртвените од гревот, нè оживеа преку Христа, за да станеме во Него нова твар и ново создание. Да го отфрлиме стариот човек со неговите дела (спореди Кол. 3:9) и станувајќи учесници во Рождество на Христос, да се одречеме од делата на плотта (спореди Гал. 5:19). Познај го, христијанине, твоето достоинство и станувајќи учесник во Божествената природа, не враќај се кон претходната ништожност преку недостојно однесување. Памети на каква Глава и на какво Тело претставуваш член! (спореди 1 Кор. 6:15) Не заборавај дека откако си спасен од власта на темнината, пренесен си во светлото Божјо Царство. Преку Светата Тајна Крштение си станал храм на Светиот Дух. Не Го прогонувај од себе таквиот Обитател преку порочни дела и не се потчинувај повторно во ропство на ѓаволот, бидејќи твојата цена е крвта Христова (спореди 1Кор. 6:20) и според правда ќе те суди Оној Кој те искупил според Своето милосрдие, Кој заедно со Отецот и Светиот Дух царува во веки веков. Амин.
Извор: Из Слово на Рождество Христово
Извор:МаранАта
http://preminportal.com.mk/content/view/9305/159/