„Мудри Клименте, кој Црквата ја просветли како сонце, во целата вселена испушташ зраци од чудеса, сесвештени отче, славо архиерејска“ (светилен на свети Климент Охридски).
Мудриот архиереј Климент, следејќи ги стапките на своите учители, словенските браќа Кирил и Методиј, ги просветлил словенските народи со зборови и чудеса. Неговите вечни дела: поучувањето на народот, упатувањето на свештениците во Словото Божјо, исцелувањето на болните, па дури и воскреснувањето на упокоените, ги задолжиле сите словенски народи вечно да го прославуваат, но и да ја бараат неговата помош и закрила. Живеејќи и делувајќи во нашите краишта, тој особено нè задолжил нас овде, во свештениот Охрид, но и во целата Македонија. Затоа и ние, неговите верни чеда, секогаш достојно го прославуваме, постојано благодарејќи му, но и молејќи го неговото застапништво пред Престолот на Севишниот Бог.
Празнувањето на споменот на овој голем светилник на Црквата Христова започна на 07.12.2013 година, со свечена Вечерна богослужба, во манастирот “Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереј Димче Ѓорѓиески, свештениците Никола Христоски, Димче Азески, Горан Ставрески и Владо Недески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Вечерната, беше осветено петтолебието, а беше прочитан и Акатистот на свети Климент Охридски.
Прославувањето продолжи утредента, на 08.12.2013 година, во истиот манастир, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, свештениците Никола Христоски, Сашо Ристески, Горан Ставрески и Владо Недески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. Особена радост за сите беше многубројниот верен народ, кој дојде да му се помоли на светителот и да се поклони пред неговите отворени мошти, но и да се причести со Телото и Крвта Христови. На светата Литургија беше присутен и градоначалникот на град Охрид, д-р Никола Бакрачески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!
Светиот апостол и евангелист Матеј ни ги пренесува зборовите на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, Кој вели: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене“ (Мт. 16, 24). Зборот Божји е единствениот, кој во себе ја содржи сета мудрост, сета вистина и сето знаење. Тој е како светлина, која сè во светот осветлува и му го покажува патот на човекот за време на неговиот живот на земјата. Среќни се луѓето што ќе ја разберат таа сила и моќ на зборот Божји. Но, уште посреќни и блажени се тие души, кои не само што го сфаќаат и прифаќаат ова за вистина, туку и живеат според словото Божјо. Овие Христови зборови нè повикуваат сите нас, Неговите ученици, низ сите векови, да го следиме Христовиот пат, односно голготскиот пат и носењето на крстот. Всушност и суштината на нашата христијанска вера е чесниот крст и Христовото Воскресение.
Христовото Воскресение доаѓа после Неговото распнување. Нема воскресение без чесниот крст. Само оние кои ќе појдат по Христовиот пат, преку носењето на својот крст, само тие ќе ја почувствуваат силата, моќта и неискажливата радост на Христовото Воскресение. Како што знаеме, на Голгота биле издигнати три крста. Во средината се наоѓал Христовиот крст, најправедната личност во историјата на човечкиот род, додека од другите две страни, се наоѓале двајца разбојници. Многу поумни луѓе од нас, одамна имаат речено дека во овие три крста е изразена целокупната судбина на човечкиот род.
Како што спомнавме, во средината се наоѓа Христовиот крст, крстот на Спасителот, Кој невино страда, Кој доаѓа во овој свет од небесните височини, за да се жртвува за животот на светот. Тоа е Богочовечкиот крст, односно крстот на Богочовечката љубов, зашто Христос го жртвува и последниот Свој дел, не барајќи ништо за Себе. Тоа е права вистинска љубов, тоа е оној Христов крст, кој го носат сите кои праведно страдаат на оваа земја.
Другиот крст е на покајаниот разбојник, кој правел безброј зла на овој свет: крадел, ограбувал, убивал и уште многу други гревови. Но, сепак, неговото срце не било скаменето. Во моментот кога се огледувал во Христовото огледало, во Богочовечкиот лик ја согледал сета своја ништожност, сета своја сиромаштија и бедност. Неговата душа се отворила и проговорило неговото срце, покајувајќи се за сите свои гревови и барајќи од Господа Исуса Христа: „Сети се за мене Господи, кога ќе дојдеш во Царството Свое“ (Лк. 23, 42). Овој разбојник се преобразил, му се отвориле неговите очи, неговата душа и неговиот ум, па согледувајќи ги своите гревови и злочини, ги слушнал зборовите Господови: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот“ (Лк. 23, 43). Прв кој влегол во рајот после Господа бил покајаниот разбојник, а заедно со него влегуваат сите оние кои го носат крстот на покајанието, зашто и тоа е мисијата на христијаните. Сите луѓе што живееле, живеат и кои ќе живеат на оваа земја се грешници, бидејќи се вели дека нема човек без грев, освен Единиот Бог.
Третиот крст е на непокајаниот разбојник. Додека вториот се каел во времето на Христовото страдање, овој се потсмејувал и исмејувал на Христа дофрлувајќи: „Ако си Ти Христос, спаси се Себеси и нас“ (Лк. 24, 39). Овој разбојник е слика на сите оние непокајани грешни луѓе. Наместо да ги отворат своите помрачени очи од безбројните престапи и злочини и да Го видат вечниот Бог, Неговата Мудрост, и вистинскиот живот, тие уште повеќе паѓаат во гревовниот мрак и пропаст. Наместо да се покајат за нивниот грешен живот, тие пропаѓаат во уште поголемата провалија на пропаста.
Можеме да заклучиме дека во историјата на човечкиот род, постојат три крста кои ја изразуваат целокупната судбина на човечкиот род. Тоа важи и за старите и новите, како и за денешните и за идните генерации. И денес има луѓе кои се кајат и кои се молат и извикуваат за милост Божја, како и оние што сметаат дека нема потреба за тоа. Но, ние како христијани, треба постојано да се каеме за нашите престапи и гревови и да бараме проштевање на гревовите, извикувајќи кон Господа: „Сети се за мене Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое“(Лк. 23, 42).
Драги браќа и сестри!
Носејќи го светиот и чесен крст, ние христијаните се охрабруваме, знаејќи дека секој кој сака да оди по Христа, мора да го земе својот крст и да врви по Него. Тој е едниствениот вистински и прав пат, достоен за човекот на земјата. Тоа бил патот по кој одел и светиот Климент Охридскиот Чудотворец, чијшто спомен денес го прославуваме.
Како што знаеме, свети Климент достоинствено го носел својот крст, поднесувајќи секакви маки и страдања, придружувајќи ги светите браќа Кирил и Методиј во Моравската мисија. Таму бил прогонуван и малтретиран од страна на латинското свештенство, но свети Климент останал доследен проповедник на Словото Божјо на словенски јазик. На крај, тој ќе биде протеран од Моравија и ќе се насели во Плиска, Бугарија. Но, и таму ќе поднесе понижување и благо прогонство, сега, пак, од страна на грчкото свештенство. И покрај тоа што царот Борис го почитувал и ценел, сепак, го испраќа светиот најдалеку од царскиот двор, во најзападниот дел од тогашната Бугарска држава. Свети Климент, пак, доаѓајќи во Охрид, како вистински пастир на словесното стадо, неуморно ќе работи во проповедањето на Словото Божјо и ќе ги зацврстува своите паства во вистините на православната вера. Тој се покажува како организатор на Црквата Христова во Охрид, а зборовите на Спасителот целосно се исполнуваат во него: „Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага душата своја за овците“ (Јован 10,11). Поради неговиот труд, подвиг и носењето на животниот крст, Бог го обдарил со особена дарба уште додека бил жив: да лекува секакви болести и да им помага на сите страдалници, коишто барале помош од него. Но, свети Климент станал особено силен пред Престолот Божји по неговото блажено упокоение. Тој постанал утеха, поткрепа и тврдина на православието во Охрид и пошироко, заслужено добивајќи го епитетот покровител и заштитник на градот и на Македонија.
Да се обратиме со искрена молитва кон светиот Климент Охридски, тој да се застапи пред Семилостивиот Бог, да ни даде сила и разум, да нè просветли со Божествената љубов и светлина, та да ги согледаме нашите гревови и слабости, и да се обратиме кон Господа Исуса Христа со искрено покајание и со молба кон Бога да нè спомне во Неговото царство, сега и во сета вечност. Амин!
Ја користам оваа прилика, од мое име и од името на целата епархија, да му го честитам големиот Јубилеј на машкиот духовен хор „Св. Климент Охридски“ од Охрид. Воедно и им се заблагодарувам на сите членови на хорот, поранешни и сегашни, за нивното 20 годишно трудољубиво учество на светите Литургии и за нивното разубавување на богослужбите. Истовремено, им посакувам уште поплодна долгогодишна работа и постоење, со желба и молитва и понатаму да се усовршуваат, а со духовна песна да Го слават Триединиот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и во вечни векови. Амин!
08. 12. 2013 год.
свети Климент Охридски
ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ -Плаошник, Охрид
Извор: http://www.dke.org.mk/novosti/novost.asp?PodatociID=981