Сопругата и синот на претседателот Ѓорге Иванов, Маја и Иван, министрите за култура и за труд и социјална политика, Елизабета Канческа Милевска и Диме Спасов, како и скопскиот градоначалник Коце Трајановски денеска, во улога на библиотекари, зачленуваа деца во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.
- Ова беше дел од хуманитарната акција „Читај книга и подари здравје“ што ја организира Библиотеката за опремување библиотека-игротека на Клиниката за детски болести.
- Убаво е да се биде тука, во овој храм на книгата каде, во улогата на библиотекари, со мајата мајка покажавме дека неизмерно ја поддржуваме хуманитарната и благородна акција. Малдите денес се помалку читаат книги, но тоа е зашто живееме во ера на интернет, на технолошки напредок. Мојот татко често знае да каже, „ова се аудио-визуелни генерации“, изјави Иван, синот на претседателот Иванов.
Вљубеник е, рече, во добрата книга и сака многу да чита.
- Би упатил апел до сите млади, пособено до моите врсници, да ги вратат своето чувство и љубов кон книгата, да останат љубопитни и гладни за многу знаења бидејќи сите пораки и тајни што ни се потребни се скриени длабоко во некоја книга, нагласи Иван.
- Сакам да апелирам, се повеќе да се чита книгата зашто друго е чувството кога ја имате пред вас, а друго е кога на интернет следите одредени изданија. Од огромна важност е да бидеме што поблиску до книгата и да ги читаме сите книги достапни до јавноста, рече Канческа Милевска и потсети на владините проекти „130 тома македонска книжевност“, Преводи на делата добитници на нобелова награда, новата едиција „Ѕвезди на светската книжевност“,…
Според министерот Спасов, со вакви конкретни акции како денешната се подигнува свеста на граѓаните и компаниите да бидат општествено одговорни што, пак, овозможува да им се помогне на загрозените лица.
- Целта е да ги поттикнеме граѓаните да читаат повеќе книги, да апелираме дека книгата треба да биде составен дел од нашиот живот и дека треба почесто да читаме зависно од нашите афинитети, изјави градоначалникот Трајановски.
Библиотекари денеска ќе бидат јавни личности од културата, спортот, политиката…, Весна Ѓиновска-Илкова, Виолета Томовска, Драган Мијалковски, Зоран Џорлев, Пепи Ренџов, Викторија Лоба, Есма Реџепова, Блага Петреска, Тамара Тодевска, Биба Додева, групите Пеперминт, Некст тајм, Нокаут, Суперхикс, писателите Михаил Ренџов, Горјан Петрески, Винка Саздова, Гордана Михаилова-Бошнакоска, спортистите Дејан Манасков, Наумче Мојсовски, Атанас Николовски, актерите Сашко Коцев, Зоран Љутков, Маја Љутков, Весна Петрушевска…
Тие ќе ги зачленуваат сите хумани луѓе кои ќе сакаат да донираат зашто приходот од членствата се наменети за Клиниката. За возрасни членарината е 250 денари, а за деца до 14 години, 100 денари. Тие што веќе членуваат ќе може да платат членарина која библиотеката ќе ја намени за деца од социјално загрозени семејства или за деца без родители.
Акцијата „Читај книга и подари здравје“ е дел од манифестацијата „Бела ноќ“ што ја организира Град Скопје. Покровители се сопругата на претседателот Иванов, Маја, и градоначалницоте на Скопје и на Чаир, Трајановски и Изет Меџити. Ученици од гимназијата НОВА се домаќини и ги пречекуваат гостите во Градската библиотека.
Извор:
- Министерство за култура на РМ
- Дневник
- Преминпортал