Вселенската Патријаршија ги канонизира последниот Трапезунтски император Давид Комнен и неговите деца
02. 08. 2013
На 11-ти јули Цариградската Вселенска патријаршија со своја синодална одлука ги причисли кон соборот на новомачениците последниот император на Трапезунтската Империја, Давид Комнен и неговите три деца, Василиј, Георгиј и Мануил, како и неговиот внук и наследник на тронот, Алексиј, кои пострадале маченички во Константинопол на 01 Ноември 1463 год. Канонизацијата се совпаѓа со 550 - годишнината од нивната маченичка смрт како и со 560 – годишнината од паѓањето на Константинопол под Османска власт (1453).
Трапезунтската Империја паднала под Османска власт 1461 год., - неколку години по паѓањето на Византиската престолнина Константинопол. Императорот Давид и неговите деца биле испратени на заточение во Адријанопол, денешен Одрин, но по 2 год., поранешниот император бил уапсен и одведен во Константинопол каде султанот Мехмед II – Освојувач му предложил да прими ислам. Тој одбил и на 1-ви Ноември 1463 год., бил убиен заедно со своите три деца и внукот.
Трапезунтското царство било основано во 1204 год., во Понтијските територии на Византиската територија, и било возглавено од великите Комнени. Тоа постоело повеќе од 2 века.
Споменот на новомачениците Давид Велики Комнен, Василиј, Георгиј, Мануил и Алексеј ќе се празнува на 1-ви Ноември, денот на нивната маченичка смрт.
Извор: Двери
Преземено од : Бигорски манастир