Посета на Претседателот во Бигорски и Рајчица
7/20 јули 2013 л. Господово, на денот на св. вмч-ка Киријакија
и преп. отци Тома Малеин и Акакиј Синајски
Братството
на Бигорската обител и сестринството од Рајчица денес ја имаа таа
радост во своите свештени манастири да го пречекаат многупочитуваниот
Претседател на нашата татковина, г. Ѓорѓе Иванов, кој заедно со својата
сопруга, г-ѓа Маја Иванова, синот Иван, како и други членови од
најблиското семејство, посака да ги посети овие две големи светилишта.
Ценетите гости беа достоинствено дочекани, со биење на манастирските
ѕвона, а во самиот храм на св. Јован Крстител нашиот старец,
архимандритот Партениј, со пригодно и молитвено многулетствие му посака
добредојде на христоверниот Претседател и неговите придружници. Потоа
нашиот игумен Партениј, заедно со манастирскиот економ, јеромонахот
Доситеј, со најголемо внимание ги запознаа гостите со текот на обновата
на монашкиот конак ‘Горни Палат’ и старата трпезарија, но и со
останатите дејности во манастирот. Искрената радост која се забележуваше
на лицето на г. Ѓорѓе Иванов беше сосема доволен знак за неговата
воодушевеност од изгледот и атмосферата на Бигорското светилиште, како и
за неговата поддршка започнатото дело успешно да се доведе до крај.
Неговите топли зборови, пак, дополнително го потврдија сето тоа.
Благочестивото семејство Иванови и нивните блиски роднини и соработници
беа гостољубиво поканети и на манастирска трпеза од страна на нашиот
старец, о. Партениј. Најпосле, Претседателот со својата придружба, го
посети и Бигорскиот метох во Рајчица, манастирот „Св. вмч. Георгиј
Победоносец“, каде што се поклони на тамошните светињи и уште еднаш ја
искажа својата огромна благодарност кон игуменот Партениј и неговото
братство и сестринство за покажаното гостољубие.
Извор: Бигорски манастир