Постејќи со телото, браќа, да постиме и со духот. Да се ослободиме од секоја беззакона врска; да раскинеме секаков насилно направен договор; да ги искинеме неправедните споразуми; да им дадеме леб на гладните и радо да ги прифатиме под покривот сиромасите бездомници, да примиме од Христа Бога голема милост.
Вечерна, Чиста среда
Поуки од Светите отци: Со помош на овој свет пост, човекот се вознесува на небото и се стреми кон рајот, само ако пости во совршена чистота. Со овој свет постчовекот Го прославува Бога, а секому кој ревносно го чува постот, Он му ги отвора вратите на милосрдието.
Свети Ефрем Сирин
Молитва:
Господи, отвори ни ги срцата и очите за секогаш брзо да можеме да ги видиме потребите на ближните и да поитаме и да ги сослушаме и утешиме оние кои се во болест и тага. Секогаш да бидеме подготвени за доброволно и со љубов да притекнеме во помош на оние кои им треба, во слава на Името Твое. Амин.
Читања од Светото Писмо:
Исаија 2, 4-10
Битие 1, 24-31
Соломонови Изреки 2, 1-22
Созерцание: О, доме Јаковов! Дојдете, ќе одиме во Господовата светлина.
Исаија 2, 5
Подготви: А.Л
Светите Седум Херсонски свештеномаченици:
Василиј,
Ефрем, Евгениј, Елпидиј, Агатодор, Етериј и Капитон
Сите овие беа епископи во Херсон во разни времиња и сите пострадаа (само Етериј умре мирно) од неверниците, било од Евреите било од Грците или од Скитите. Овие епископи одеа во тие диви краишта како мисионери за да ја пренесат евангелската светлина. Сите беа намачени и пострадаа за својот Господ. Василиј го воскресна синот на еден кнез во Херсон, што ги огорчи Евреите, па го обвинија. Го врзаа за нозете и го влечеа по херсонските улици дури не ја испушти душата. Ефрем го убија со меч. Евгениј, Елпидиј и Агатодор ги биеја со стапови и со камења сѐ дури не Му ги предадоа своите души на Бога. Етериј поживеа во времето на Константин Велики, па во мир и слобода управуваше со Црквата, изгради голем храм во Херсон и се упокои мирно. Кога последниот од нив, Капитон, го испратија за епископ во Херсон, дивите Скити од него побараа знак за да поверуваат. И му предложија да влезе во огнена печка, па ако не изгори тие сите ќе поверуваат во Христа. Со топла молитва и со надеж во Бога Капитон го положи архиерејскиот омофор на себе, се прекрсти и влезе во вжарената печка држејќи го умот во срцето воздигнат кон Бога. И во пламенот постоја околу еден час без никаква повреда на телото и на облеката, па излезе оттаму здрав. Тогаш сите повикаа: „ Еден е Бог, Бог на христијаните, велик и силен, Кој го сочува слугата Свој во огнената печка!“ И се крсти сиот град и околината. За ова чудо многу се зборуваше на Никејскиот Собор. И сите Го прославија Бога и ја пофалија цврстата вера на Св. Капитон. А на Капитон му се случи по патот да го фатат на реката Дњепар незнабожечки Скити и во реката го удавија. Овие епископи пострадаа во почетокот на 4 век.
Друго:
Великопосни Богослужби (14.02.2010)
СИНАКСАР - Оној што отпадна заедно со паднатите (ангели), поради слатката храна (Сиропусна недела)
+++
Друго:
- Великопосни Богослужби (14.02.2010)
- ПОНЕДЕЛНИК ОД ПРВАТА СЕДМИЦА ОД ПОСТОТ (15.02.2010)
- ВТОРНИК ОД ПРВАТА СЕДМИЦА ОД ПОСТОТ (16.02.2010)
- ЧЕТВРТОК ОД ПРВАТА СЕДМИЦА ОД ПОСТОТ (18.02.2010)