Скопје, 23 февруари 2013 (МИА) - Кај Смилковското Езеро, на местото викано Кршиколе или Крст, денеска беше поставен и осветен камен-темелник на црквата „Светите четириесет маченици - Младенци“ што ќе се гради во траен спомен на Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски и Борче Стефковски, кои беа убиени на 13 април минатата година, на Велики четврток.
Во присуство на роднини на убиeните, благослов за изградба на црквата даде поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, кој посочи дека низ историјата христијанските светилишта секогаш се граделе на оние места каде страдале христијаните.
- Токму жртвата на вашиот Велики петок, токму крвта на тие пет невини момчиња, наши роднини, пријатели и соседи, со еден збор луѓе од нашиот крај овде, нивната крв не собра да поставиме камен-темелник, рече г.г. Стефан.
Поддршка за изградбата на црквата даде и Светскиот македонски конгрес.
Тодор Петров од СМК појасни дека изградбата на македонската црква „Светите четириесет маченици - Младенци“ кај Смилковското Eзеро е иницираната од месното население од Стајковци, Смилковци, Црешево, Виниче и Радишани.
Тој додаде дека на местото викано Кршиколе или Крст се пронајдени артефакти и траги на древно светилиште.
Според братот на убиениот Борче Стефковски, Ацо добро е што на овој начин им се искажува почит на петтемина убиени.
Црквата во основата ќе биде 150 метри квадратни со уреден парк од 6.000 метри квадратни, а околу неа ќе има камбанарија, голем крст, пет видиковци и пет бора во спомен на убиените. Проектот е изработен од градежната фирма „Жикол“. мд/16:54