Со милост и благослов Божји, во Кривопаланечкото архиерејско намесништво започна да се одржуваат часови по веронаука. Првите часови беа одржани на 13 јануари, денот кога Светата православна црква го чествува споменот на светиот псалмопејач Давид и праведниот Јосиф, во трпезаријата на соборниот храм „Свети великомаченик Димитриј“.
На првиот час, чтецот Дејан Апостоловски, апсолвент на Православниот богословски факултет, најпрвин присутните верници ги запозна со градивото кое ќе биде обработувано на истите часови, а отпосле одржа предавање на тема: „Христијанството, неговото значење и неговата суштина“. На ова предавање на присутните им беа објаснети суштинските работи поврзани со поимот Христијанство, при што помеѓу присутните на истото предавање се постави и дискусијата за тоа дали Христијанството како вера во Живиот Бог е стара две илјади години. Меѓу другото на првото предавање беа обработени и двата најголеми евангелски заповеди, кои пред верните беа изложени како заповеди во кои се содржани сите Божји заповеди. По изложеното предавање следуваа прашања од присутните како и мала дискусија за целта на постоењето на човекот и можноста за постигнување на спасението.
Додека пак на 27 јануари 2013 година, кога Светата православна црква го чесвува споменот на света Нина Грузиска и светиот Сава патријарх српски, во храмовата трпезарија беше одржан час на кој тема беше: „Крстот Христов – за верните, сила Божја. На часот беше изложена најпрвин историјата на крстот и целта за која истиот се користел, како и кој пред Христос, Единствениот безгрешен,биле распнати на него. Потоа на истиот час на причината поради која беше распнат на Крстот, нашиот Господ Исус Христос како и тоа зошто тој е симбол на нашето спасение. Освен тоа беше образложено зашто Крстот Христов е наречен чесен и животворен, како и самото прашање зашто тој за верните е сила Божја. На крајот од предавањето на присутните им беше објаснето значењето на крсниот знак.
При крајот на предавањето беше прочитана 23-та глава од Евангелието според Лука. Потоа следеа коментари и прашања од присутните како и објаснување околу темата од страна на архиерејскиот намесник протоереј ставрофор Добрислав Бошковски. Предавањето беше завршено со тропарот на светиот великомаченик Димитриј, кој беше испеан од страна на неколку присутни вернички од хорот при истоимениот храм.
На предавањето беа присутни 30 луѓе, меѓу кои и 5 дечиња.
Се надеваме дека ова дело ќе Му биде угодно на Бога и ќе ги умножи духовните дарови кај верниот народ.
27 јануари 2013
чтец Дејан В. Апостоловски