19 јануари 2013 год- манастир Успение на Пресвета Богородица
Јануари 19 (6 Јануари) лето Господово 2013
Св. Богојавление - Водици
"ЕВЕ ГО ЈАГНЕТО БОЖЈО КОЕ ГИ ЗЕДЕ ГРЕВОВИТЕ НА СВЕТОТ ВРЗ СЕБЕ!"
Во библиската Палестина, на реката Јордан, се слушал гласот на пророкот Св. Јован Крстител, кој ги повикувал луѓето да се покајат за своите гревови и да примат крштение. Ги крштевал луѓето од Ерусалим и од цела Јудеја. И Господ Исус Христос доаѓа при Јована на Јорданските води. Тој ја позна величината на Христовата божествена природа и затоа зборува: "Еве го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!". Тој го крштева Христа во реката Јордан.
Со тоа Христос го потопи прародителскиот грев и гревовите на сите луѓе од постоењето на светот. Штом се крстил, излегол од реката, му се отвориле Небесата и Духот Божји во телесен вид како гулаб се спуштил над Него. Глас од Небесата говорел: "Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја! "Гласот на Отецот е упатен кон Неговиот Син, а поради Него ги повикува и сите луѓе од светот да станат синови и ќерки Божји.
КРШТЕВАЊЕТО ХРИСТОВО
На Христос му се отвораат Небесата, за да можат луѓето преку него да влезат во нив. Значи, при крштевањето на Христос, Бог од Небото му ја објавува на светот светата тајна за Света Троица дека Бог е: Бог Отец, Бог Син и Бог Свети Дух, три божествени лица, една божествена природа и битие. Св. апостол Јован Богослов пишува за таинството на божествената Троица: "Зашто Троица се, Кои сведочат на небото: Отецот, Словото и Светиот Дух; и Троица се едно. И Троица се, Кои сведочат на земјата: Духот, водата и крвта; и Троица сведочат заедно". Св. Јован Златоуст зборува за тоа големо чудо: "...Секоја светлина се умножува во светот: најпрво небото се радува, слушајќи го гласот на Отецот; воздухот се осветува со летањето на Духот; се осветува природата на водата и се учи да ги измива душите и телата; и сета твар заедно ликува на земјата. Само ѓаволот плаче, гледајќи како се подготвува купел, кој единствено него ќе го удави.."
Значи, големиот Господов празник Богојавление-Водици, се прославува на 19. 01. во спомен на крсштевањето на Господ Исус Христос и објавувањето на Светата Троица. На празникот се пее тропарот: "Кога во Јордан се крштеваше, Господи, се потврди поклонувањето на Света Троица: гласот на Отецот сведошчеше за Тебе и Те нарече Свој возљубен Син; и Духот во вид на гулаб, ја потврди вистината на Тоа сведоштво. Се јави, Христе Боже, и го просвети светот, слава Ти. "
По Богојавленската Литургија се врши голем Водосвет. Потоа верниците тргнуваат во свечена Литија и со икони во раце стигнуваат до местото (езеро, река) каде што се извршува чинот осветување на водата. По Богојавленските молитви, Крстот се потопува во водата и таа се осветува.
Денес на празникот Богојавление, во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Матка, се отслужи Божествена Литургија, на која верниот народ се причести со Светите Тело и Крв Христови. По завршената Литургија се направи Голем Богојавленски Водосвет на реката Треска.
Малиот Константин Русевски во оваа , со љубов и вера собрана „екипа“ се избори за крстот, кој во неговиот дом ќе биде цела година, до наредното Свето Богојавление. Честитки Константине! Денес во овој манастир прекрасно беше се ...(Преминпортал)
Текст: сестринство на манастирот Успение на Пресвета Богородица
Фото: преминпортал (к.т.)
Лето Господово 2013