Послание на Ерусалимскиот Патријарх Теофил III по повод Рождеството Христово (07.01.2013 )
Во своето послание по повод Рождеството Христово, Ерусалимскиот Патријарх Теофил III упатува молитва за „жртвите од економската криза во светот“ и за сите што страдаат поради конфликтот на Блискиот Исток. Поконкретно во посланието се вели:
„Источната Православна Црква по сите краишта на светот одново ги празнува радосните, светли и славни Рождественски празници. Во овие денови Црквата со радост, благодарност и славословие се сеќава на Божјото човекољубие. Тоа човекољубие се пројави при создавањето на светот и создавањето на човекот..., но тој ја надмина секоја мерка и граница, секој ум и смисла, кога Бог благоволи да го посети човекот во неговиот пад и да се смири во неговото страдање и во неговото понижување под ропството на ѓаволот. И според богоносниот отец свети Григориј Палама Архиепископот солунски, „Началникот на животот, движен од Своето неизмерно човекољубие и благост кон нас, го изврши спасението на Својот првосоздаден“ и Го испрати во светот Својот Единороден Син „роден од жена, потчинет на Законот, за да ги откупи оние, што се под Закон, та да примиме посиновение“ (Гал. 4, 4-5).
Тајната на примањето на човекот од Бога се случи во човековата историја, на определено место и време, во времето на кесарот Октавијан Август и во Витлеем Јудејски. Од тоа свето место Црквата на Ерусалим денес возвестува до сите краишта на светот дека Христос се роди и го ослободи човекот. Христос се смири и го издигна човекот до Небото. Христос се јави и силите на злото отстапија. Младенците беа убиени како први маченици за воплотениот Христос, роден во тело, последувани од милионите маченици на Црквата во Негова слава.
И како што сострадува со сите, Ерусалимската Црква се моли за жртвите од световната економска криза, за жртвите од насилство, тероризмот и војната, за бегалците и особено за тие што се во Сирија и другите жртви на конфликтот, за справедливо решавање на религиозните и политички проблеми на Блискиот Исток.
Од Божјата Пештера на Витлеем ги испраќаме своите патријаршиски и татковски молитви и благослови за целата наша паства, којашто живее во Светата Земја и секаде по земјата, и за сите благочестиви поклоници што доаѓаат тука низ светите дванаесет рождественски денови, се молиме за нивно здравје, мир и спасение“.
Од Витлеем, 2012 г.
Ерусалимскиот Патријарх Теофил III
Преземено од : МПЦ-ОА
-