„Дај ни ослободување од маките, свети Науме, и избави нѐ од сите искушенија, оти помошта човечка е лажна. Ти стоиш повисоко од луѓето и си соговорник на ангелите, посредуваш за нас кои наоколу те славиме и твоите чесни мошти ги почитуваме“ (Хвалитна стирихира на преподобниот Наум).
Во деновите кога со нетрпение и радост го очекуваме големиот празник на Рождеството Христово, нашата душа уште повеќе се весели со празнувањето на големиот подвижник од Белото Езеро, преподобниот Наум, Охридскиот Чудотворец. Скромниот и верен подвижник и Црноризец го прославивме два дена пред Божик, на 05.01.2013 година, во манастирот „Св. Наум Охридски“, местото каде што почиваат неговите свети и исцелителни мошти. Празнувањето започна ден порано, со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, , во сослужение на неговото високопреподобие архимандритот Нектариј, игумен на Светинаумовата обител протоереите Зоран Данев и Игор Никовски, свештеникот Димче Азески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Сашо Целески.
Празнувањето продолжи утредента со свечена архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоерите Зоран Данев, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештениците Кирил Јованоски, Димче Азески и Горан Ставрески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Сашо Целески. На Литургијата присуствуваше многуброен народ, кој зеде активно учество преку заедничарењето во Светата Чаша. На Богослужбата присуствуваше и градоначалникот на град Охрид, г-дин Александар Петрески. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополит Тимотеј им се обрати на верните со пригодна беседа.
Извор: Дебардко кичевска епархија