Друга молитва
Те фалиме, Те воспеваме, Те благословуваме и Ти благодариме, Боже на нашите отци, затоа што ја оттргна ноќната сенка и повторно ни ја покажа светлината на денот.
И се молиме на Твојата благост: очисти ги нашите гревови и, со Твоето големо милосрдие, прифати го нашето молење, затоа што прибегнуваме кон Тебе, милостивиот и сесилен Бог.
Засветли Го во нашите срца вистинското Сонце на Твојата правда. Просветли го нашиот ум и сите наши сетила сочувај ги, та како по ден благообразно одејќи по патот на Твоите заповеди, да стигнеме во вечен живот,
затоа што во Тебе е изворот на животот, и да се удостоиме да бидеме учесници во непристапната светлина.
Затоа што Ти си нашиот Бог и Тебе слава Ти вознесуваме, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.
Молитва од светиот Евстратиј
(се чита во Сабота)
Господи, спомни си за нашите отци и браќа, упокоени со надеж во воскресение за вечен живот, и за сите упокоени во благочестивост и вера.
И прости им го секое волно и неволно согрешение, направено со збор, дело или мисла.
Всели ги во светли, прохладни места, од кадешто отсуствува сета скрб, така и воздишка, а кадешто гледањето на Твоето лице ги весели сите Твои светии од сите векови.
Дарувај им го ним и нам Твоето Царство и учеството во Твоите неискажливи и вечни блага и во Твојот бесконечен и блажен живот.
Затоа што Ти си животот, воскресението и покојот на упокоените Твои слуги, Христе Боже наш, и Тебе слава Ти вознесуваме, со беспочетниот Твој Отец и Пресветиот и благ и животворен
Твој Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.
Извор:ПРАВОСЛАВЕН МОЛИТВЕНИК (Полошко- кумановска епархија)