Академската теологија не е доволна за спасение! Читајте ги главно аскетските отци! Таму ќе ја научите вистинската теологија, ставот на умот и на срцето пред Бога. Чистата молитва не им се дава на оние што многу изучуваат. Во оваа смисла, патот на теолошката наука не е воопшто ефикасен и ретко води кон чистата и усрдна молитва! Теологија е состојба на духот, остварена од благодатта Божја. Овде се наоѓа разликата помеѓу теологијата и философијата, помеѓу вистинската теологија и теологијата на интелектуалците. Ако едно такво вдахновение го допре вашето срце, тоа веќе не ќе има крај на земјава. Тоа е неисцрпно, зашто во него се наоѓа почетокот на вечниот живот. Ако дури и вашиот телесен состав се распадне, ова вдахновение ќе живее во вас со огромна моќ! - Старец Софрониј
Старец Софрониј
-
Возможно е да станеме жртви на духовната прелест, ако повеќе го цениме она што ни го дава теолошката наука, отколку светоста на животот! Некој може да биде многу учен, да има академски дипломи, а да остане крајно неук за патот на спасението. Кога некој има свет и безгрешен живот, интелектуалното знаење може да даде чудесни плодови. Наспроти тоа, знаењето без љубов, не може да го спаси човекот! Без дух на покајание, без опит на вистинско послушание, никој не може да стане вистински богослов или свештеник, што значи, личност способна да ги поучи другите на вистинскиот христијански пат. За да ја научиме вештината на животот во Христа, не е потребно да прочитаме десетици или стотици книги. Мојот духовен Отец ме советуваше да читам само неколку страници на ден. Петнаесет минути, половина час, но да се погрижам да го остварам во мојот живот она што сум го прочитал.
-
Бог може да го допре духот на човекот и на непосреден начин да му го даде самопознанието. Постои голема разлика помеѓу ова познание и она што се стекнува во теолошките школи. Може да е многу опасно да се студира теологија, без егзистенционален опит на животот, во Духот Христов. Во опасност сме, навистина да ја изучуваме теологијата во нејзините апофатички форми, како философија или поезија. Во опасност сме да присвоиме некој погрешен став, да се сметаме себе си како нешто големо, што е доволно за да се загубиме. Должни сме да бараме во животот еден друг вид на вдахновение, во Христа. Теолошката наука што се учи во школите и која стана научна дисциплина достапна за сите, не ни овозможува познание на Бога. Познанието на Бога извира од животот во Бога, кој се раѓа во внатрешноста на срцето.
Преминпортал
Лето Господово 2012