Беседа на Архиепископ Охридски и Македонски г.г Стефан (24.10.2012 )
Ваше Преосвештенство, возљубен брату во Христа Господа,
Денес, на празникот кога ги чествуваме сите македонски светители и на денот кога ја одбележуваме 45-годишнината од возобновувањето на ОА како МПЦ, еве уште една радост за нашиот благочестив народ и за нашата небоземна Црква. Денес со нас се радува и духот на св. апостол Павле, зашто добивме уште еден апостол и пастир; денес се радуваат и Солунските браќа, светите Кирил и Методиј, зашто добивме уште еден учител и мисионер на македонското духовно поле; денес се радуваат и светите Климент и Наум, зашто добивме уште еден архиереј и молитвеник; денес се радува и блаженоупокоениот архиепископ Доситеј, зашто доби нов сотрудник за македонската правда и виситина; денес се радуваат монасите кои служеле и служат во Бигорската обител, зашто во тој непресушлив духовен расадник израсна уште еден служител во Лозјето Господово; денес се радува Црквата Христова, зашто секој нов избор за епископ означува јакнење на Телото Христово; сите сме Телото Негово во Црквата, во која Духот Свети некои поставува за епископи за да ја пасат Црквата Господова и Божја.
Со твојот избор, Преосветен владико, Скопската православна епархија на МПЦ доби викарен - помошен епископ, а Ние, веруваме, ќе имаме помошник каков што ни требаше. Веруваме, ќе бидеш епископ - најблизок соработник на Великиот Пастироначалник, ќе се покажеш епископ достоен и беспрекорно работлив, кој верно ќе го проповеда Словото на вистината. Веруваме ќе бидеш епископ - неуморен работник - проповедник на верата и на учењето за доброто и ќе се препорачуваш за служител Божји, со чистота, со знаење, со долготрпеливост, со благост, со Духот Свет, со нелицемерна љубов, со проповед на вистината, со сила Божја со оружје на правдата... Како Христов благовесник, се надеваме ќе бидеш возвестител на мирот, доносител на радост и проповедник на спасението - проповедник на неискажливото богатство Христово.
Возљубен брате, ти растеше и израсна надвор од домот и грижата родителска и на тој начин ти запозна и живееше со многумина чии судбини ви беа слични и во чии детства останаа исти лузни; ти постана брат со многу браќа и сестри, со кои чекореше заедно по неизвесниот животен пат ... Но Господ, нашиот Отец небесен, те повика во Богословијата и на Богословскиот факултет, за во меѓувреме да те однесе во Бигорски, каде што ја облече црната риза, та денес, по Негово благоволение, да бидеш удостоен и да постанеш отец - духовен родител на многу духовни сираци и да имаш многубројни духовни чеда. Од денес па во иднина, ќе имаш можност да ги слушаш молитвените шепоти за духовните потреби на нашиот народ. Од денес, па натаму, за тебе настапува благопријатно време, доаѓаат денови во кои, помогнат од благодатта на Светиот Дух, која ти е дадена од Исуса Христа, ќе се грижиш за спасението на доверениете души . Биди гостољубив, благ, чесен, справедлив, свет, воздржлив (Тит 1, 8), незаборавајќи дека за Христа се придобива и други само доколку се живее за Христа! Пази ја благодатта со која ќе Му служиш на Бога, благоугодно со почитување и страв (сп. Евр 12, 28). Затоа, засилувај го Божјиот дар во тебе ... духот на силата, љубовта и чесноста (2 Тим 1, 6-7), и биди внимателен кон себе си (Лк 17, 3).
Како архиереј на Македонската православна црква, чиј Архиерејски синод, по промисла Божја, едногласно и еднодушно те избра, постојано спомнувај си за овој ден и за дадените ветувања и исповеданија. Служејќи Му на Бога - служи му на нашиот богољубив народ! Помагај секому за и Бог да ти помага во твоето служење! Со своите дела и постапки биди постојана радост за нашиот народ - радувај го во Господа! Знај, Царството Божјо не е во зборови, туку во сила (1 Кор 4, 20), односно во силни - големи дела! Живеј достојно за Христа и Неговото благовестие (Фил 1, 27) и угледај се на достојните богослужители и богоугодници од нашиот род и во Црквата Христова!
Внимавај, зашто низ времињата, во име на вистината, биле изречени многу невистини, и во име на правдата, биле извршени многу неправди! Ние, како македонски народ и Црква, за жал, и денес гледаме како се извртуваат вистината и правдата кога се во прашање МПЦ, нашето име, култура, историја и сѐ што е македонско. Биди долготрпелив и живеј со надеж! Како млад не плаши се од претстојните обврски, зашто со тебе е Оној Кој те избра и те обдари со Светиот Дух, и сѐ ќе можеш преку Христа, Кој ќе те поткрепува (Фил 4, 13). Чекори храбро, придружуван од божествената благодат, која секогаш ги лекува немоќите и ги надополнува недостатоците, којашто од слабите прави силни и од грешниците воздига свети. Заедно со браќата архиереји, свештенослужителите, монасите и верниот наш народ придонесувај за доброто на нашата света Црква и татковина, а за слава на Бога и Неговите светии.
Прими го овој жезол за да го пасеш повереното ти паство Христово. На оние кои ќе те слушаат - биди им жезол и поткрепа, а непослушните, пак, и неразумните упатувај ги кон поправање, кротост и послушание, та во должна оддаденост да поживеат!
Долгоденствуј, Преосветен владико!
Охрид, Лето Господово 2012