Отец Пајсиј велеше дека духовното дејствување на христијаните мора да биде сосредоточено на придобивање на смиреноумие:
„Бог безгранично го љуби човекот. Нему многу добро му се познати проблемите на секого од нас и сака да ни помогне и пред да Го замолиме затоа. Бидејќи е семоќен, нема тешкотии кои Бог не може да ги надмине, со исклучок на една. Тешкотија со која Бог се соочува и јас тоа го повторувам, е само една, т. е. Он „не може“ да ни помогне, доколку нашата душа не е смирена. Бог „тагува“, зашто го гледа Своето создание како страда, а „не може“ да му понуди било каква помош. Дури и да му понуди нешто, со тоа ќе му наштети на човекот, бидејќи неговиот ум не е смирен.
Сè што Му се случува на човекот, потполно зависи од неговото смиреноумие. Ние, на пример, гледаме како човекот се бори и на крајот се случува да биде потчинет на некоја своја страст. Бог допушта тоа да се случи само од една причина, односно, затоа што неговата душа е исполнета со суетни помисли и гордост. Човекот можеби ја мрази таа страст и напорно се труди да се ослободи од неа. Меѓутоа, тој ништо нема да постигне, зашто Бог не му помага и нема да му помогне сè додека не стекне смиреноумие. Иако човекот ја мрази таа посебна страст, потчинет е на својата гордост, а тоа е страст која го вовлекува во сите останати страсти. „Гордоста е причина за секоја страст“, вели свети Јован Лествичник.
Човекот би сакал духовно да напредува и Го моли Бога да му подари љубов, молитва, послушание и други добродетели. Мораме да бидеме свесни дека, без оглед на тоа колку се трудиме, Бог нема да ни го подари она за што Го молиме, сè додека не придобиеме смиреноумие. Доколку смиреноумието е наша единствена цел, Бог сето останато ќе ни го даде „бесплатно“.
Бог од нас сака и бара само едно, а тоа е нашето смирение. Он не сака ништо друго, освен да се смириме, зашто така, навистина, ќе нè направи причесници на Својата божествена благодат, која ни е дарувана на Светото Крштение. Иако тогаш сè уште не сме Го сакале Бога, иако не сме се подвизувале за да ја стекнеме Неговата благодат, Он ни ја подарил поради Својата бескрајна добрина. Он од нас бара само да се смириме и да одговориме со благодарност и почитување на Неговата љубов. Така, божествената благодат која пребива во нас ќе биде активирана и ќе дејствува на соодветен начин. Таа ќе направи да Го сакаме и спознаеме Бога. Таа за нас ќе направи сè, доколку придобиеме смиреноумие и ѝ допуштиме да дејствува. Единствена пречка за дејствување на Божјата благодат е нашата гордост и недостиг на смиреноумие.
Во 5. глава од своето Послание, светиот апостол Петар ни помага јасно да ја согледаме својата грешка и ни кажува што треба да направиме: Исто така и вие, помладите, покорувајте им се на свештениците; а сите, пак, покорувајте се еден на друг и здобивајте се со понизност, бидејќи Бог им се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат. Смирете се под крепката рака Божја, за да ве воздигне, кога ќе дојде времето (1. Петр. 5, 5-6).
Доколку се сосредоточиме единствено на својот подвиг за постигнување на смиреноумие, од Бога сè ќе ни биде дарувано како благослов. Кога, пак, се грижиме за сè, освен за смиреноумието, тогаш нема да здобиеме ништо добра, па дури и ако успееме да добиеме, тогаш нема да успееме да го задржиме за долго. Само едно ни е неопходно: смирение на срцето кое во нас ќе го всели Царството на Божјата благодат.
Извадок од книгата: Старец Пајсиј Светогорец, Јеромонах Христодолус, 89-91
Извор: Бигорски манастир