Иванов: Говорот на омраза е повреда на човечкото достоинство
Иванов: Говорот на омраза е повреда на човечкото достоинство
На Националната конференција за политички и меѓурелигиски дијалог и култура на толеранција која се одржа во МАНУ, по повод Меѓународниот ден на толеранцијата, 16 ноември, македонскиот претседател го издвои и сајбер-просторот како еден од современите начини за ширење на омраза и создавање стереотипи
Неопходно е да го подготвиме македонското многуетничко, многурелигиско и многујазично општество за успешно да се соочи со предизвиците на современиот свет. Неопходно е создавање механизми за борба против говорот на омраза на интернет без ограничување на слободата на изразување. Потребно е исправно сфаќање на слободата и на нејзините граници. Границите на слободата на изразување се исцртани со слободата на другите луѓе и со нивното човечко достоинство. Тоа се граници исцртани со меѓуетничката и со меѓурелигиската толеранција, почит и прифаќање".
За сајбер-просторот како еден од современите начини за ширење на омраза и создавање стереотипи говореше македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов на Националната конференција за политички и меѓурелигиски дијалог и култура на толеранција која се одржа во МАНУ, по повод Меѓународниот ден на толеранцијата, 16 ноември. Претседателот Иванов потсети дека говорот на омраза е повредување на правото на човечко достоинство. Омразата на дело, пак, нагласи, води до повредување на основните човекови права. Затоа борбата против говорот на омраза е дел од мисијата за заштита и за промовирање на човековите права.
- Македонскиот модел, кој е граден со векови, е модел на интеграција без асимилација, модел на почитување и прифаќање на различноста, модел што во својата основа подразбира создавање простор во нас самите за да го примиме другиот без да го претопиме или без самите да бидеме претопени во нечиј друг идентитет. Ние како политички, општествени и верски лидери треба да им дадеме пример на граѓаните, на младите, на верниците, да праќаме позитивни пораки за помирување и за соживот, пораки за јавна пристојност, пораки што треба да помогнат во зачувување и промовирање на она што е највредно, што е дел од нашата традиција на заемна доверба и почит, додаде претседателот Иванов. Тој посочи дека изборот на Македонија за членка на Советот за човекови права на Обединетите нации што се случи пред три дена е признание, привилегија, но и голема обврска за континуирана заложба за промовирање на човековите права и правото на човечко достоинство.
Претседателот на МАНУ, Владо Камбовски, пак посочи дека во мултикултурното и плуралистичко општество какво што е македонското, политиката, религијата, средствата за масовни комуникации, образованието и другите општествени координативни фактори, се должни да го уважуваат правото на толеранција и да ја поддржуваат и шират културата на толеранција како претпоставка за почитување и остварување на основните човекови слободи и права. Шефот на мисијата на ОБСЕ, Ралф Брет, потенцираше дека основа за односите меѓу различните верски групи и поединци, меѓуверската толеранција е суштинска за одржување на стабилноста и за општествен напредок, а шефот на делегацијата на ЕУ, Аиво Орав, рече дека преку толеранција меѓу сите различни групи и конфесии може да се дојде до заеднички успеси.
Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска, рече дека со векови наназад Република Македонија е културолошки автентична и токму заради различните религии создаваше една огромна традиција која не дозволи да дојде до уништување на културата и духот на нацијата.
(Е.А.)