Концерт на Филхармонијата со виолинистот Стефан Миленковиќ и пијанистката Ивана Ристова
Скопје, 29 јануари (МИА) - Солистите со светска кариера - српскиот виолинист Стефан Миленковиќ и македонската пијанистка Ивана Ристова вечер ќе настапат со Македонската филхармонија, под водство на познатиот полски диригент Јануш Пшибилски. Концертот е во рамки на циклусот „Големите мајстори“ и е посветен на Феликс Менделсон. Филхармонијата се придружува на светското одбележување на 200 години од раѓањето на германскиот композитор (1809-1847).
Публиката го познава Стефан Миленковиќ од пред дваесетина години како „чудото од дете“ кое на пет години настапи првпат со оркестар, а подоцна како десетгодишник беше поканет да свири во Белата куќа од тогашниот американски претседател Роналд Реган. Во неговата концертна биографија се многу настапи со реномирани оркестри и соработка со врвни диригенти, за што во Белград пред седум години го доби признанието „Уметник на 20 век".
Повеќе од десет години Миленковиќ постојано живее во САД, работел како професор на Музичката школа Џулијард, а од неодамна предава и на Универзитетот во Илиноис. Со Македонската филхармонија настапи и пред четири години. За неа тој вчера на прес-конференција рече дека е прекрасен оркестар со кој го врзува професионална, но и лична соработка.
- Најраните спомени од Скопје ги имам уште од своите девет години кога свирев овде. Затоа овде се чувствувам како дома, рече Миленковиќ, кој почесто свири пред својата публика во Србија, а последен пат настапил во јуни во Сава-центарот во Белград.
Одговарајќи како се носел со епитетот „чудото од дете“ и дали кариерата го скратила неговото детство и предвреме го пораснала, Миленковиќ рече дека важно е да се умее да се балансираат сите работи. - Стекнав работна навика многу мал, но секогаш сакав се што сакаат и другите деца. Не чувствував дека работам нешто необично, рече познатиот виолинист.
Со Ивана Ристова соработува првпат и, како што истакна, поради нејзиниот карактер и отвореноста можни се и други заеднички настапи.
Ристова по матурирањето во средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“ во Скопје се школува во Чикаго и работи во приватно училиште за музички талентирани деца. - Особена чест ми е што по четири години се враќам во Скопје и се радувам што ќе настапам пред македонската публика, која ми недостигаше во далечната Америка, истакна Ристова на вчерашната прес-конференција. Познатата македонска пијанистка има настапувано во Европа, САД, Азија и Канада и има голем број награди и признанија. хс/паг/9:26