Големо интересирање за новото ЦД на Трпчески и во Сингапур
Угледниот критичар на британското радио Класик ФМ, Сајмон Бејтс, го прогласи новиот албум на Симон Трпчески за издание на неделата. „Слики“ е насловот на четвртото ЦД на Трпчески на кое македонскиот пијанист изведува композиции од францускиот автор Клод Дебиси, издадено за реномираната куќа „ЕМИ Класикс“. Според Бејтс, Трпчески денес се вбројува во редот на најреномираните млади музичари на светската музичка сцена.
Весникот „Сандеј тајмс“, пак, пишува дека „младиот Македонец веќе се докажа како исклучителен интерпретатор на делата на Рахманинов и Шопен, а со извонредниот албум „Дебиси“ тој го проширува неговиот опсег уште повеќе, прикажувајќи мајсторија на боја, техничка виртуозност и музичка имагинација на изненадувачка зрелост“. Весникот продолжува со пофални зборови за Трпчески, меѓудругото и за самиот програмски избор. „Програмата е со големи барања, со два сета од делата „Слики“ во центарот, бравурата „Веселиот остров“..., две „Арабески“ и секогаш популарната „Детско катче“... Во целосен контраст, тој нуди заносно, чисто објаснување на „Месечина“, а во „Слики“, тој го покажува неговиот полн технички и музички арсенал во застрашувачките арабески заокружувајќи го рециталот со пијано изведба на „Веселиот остров“ која го одзема здивот. Трпчески бара да биде слушнат“, завршува критиката.
Пофални критики за најновиот албум на Симон Трпчески пишуваа и весниците во Сингапур, каде што неодамна нашиот пијанист настапи како солист со тамошниот Симфониски оркестар под диригентство на Лан Шуи. (Т.И.)