Уметност која преку неми движења изразува чувства, драмски дејства, поетски идеи или едноставно убавина на игра, е објаснувањето за поимот „балет“, кое е дел од новата „Кратка Ми-Анова енциклопедија“ посветена на балетот, операта и на музиката. Издавач на енциклопедиското дело е МИ-АН, а во него се опфатени автори, инструменти, правци од светската и домашната, модерна, традиционална, современа музичка, оперска и балетска сцена. Застапени се повеќе стотици одредници кои опфаќаат значајни настани, личности, дела од историјата и од целокупното опстојување на тој дел од културата. Повеќето од одредниците се однесуваат на нашето поднебје, при што се спомнати и Македонска филхармонија, Славе Димитров, Влатко Стефановски, Тома Прошев. Во делот посветен на светските балети, музика, опера има објаснувања и податоци за Бољшој театар, Синатра, „Кармина Бурана“. Меѓу одредниците се вметнати и повеќе музички правци, стилови, инструменти како саксофон, капричо, канцона, валцер, барок. Биографските податоци за домашните и за странските автори во енциклопедиското дело се составени во март годинава со нови информации.
Редактор на изданието е Јован Павловски.
„Оваа кратка енциклопедија е дел од интересна и прегледна кратка трилогија за ликовното, музичкото и книжевното, вчерашно и денешно македонско секојдневие, кое се' повеќе цвета и кое, токму затоа треба постојано да се надоградува. Оваа енциклопедија е правена по азбучен принцип и како понудена литература таа може да се чита од почетокот кон крајот, од средината кон крајот, од крајните страници кон почетните“, вели Павловски.