Скопје, 14 мај (МИА) - Македонската академија на науките и уметностите денеска ја промовираше книгата „Делото на академик Виктор Фридман“, издание посветено на американскиот балканолог од областа на македонистиката и албанологијата.
Претседателот на МАНУ Георги Старделов рече дека настанот е исклучителен поради претставувањето на делото и личноста на еден од најголемите истражувачи на македонскиот јазик.
- Фридман има статус на еден од најпознатите балкански лингвисти, а неговото дело многу стручни лица го оценија како големо остварување. Книгата опфаќа многу нови и интересни сознанија, како тоа дека модерниот македонски јазик почнува после 2 август 1944 година, рече Старделов.
Тој истакна дека Фридман е импозантна и ретка патриотска личност, која отвора нови хоризонти на македонскиот јазик. Според Старделов, балканологот самиот се идентификува со македонскиот народ.
Во своето обраќање, академик Фридман посочи дека за него македонскиот јазик е вовед во балканистиката, а Македонија е срцето на балканскиот јазичен сојуз. Заблагодарувајќи им се на присутните тој додаде оти му е големо задоволство што во вториот дел од книгата прочитал многу убави работи за себе.
Книгата е поделена во два дела со 380 библиографски единици. Во првиот се опфатени приказ и анализа на граматичките категории на македонскиот јазик, а во вториот дел е сместена биографијата на Фридман и изјави од релевантни лица за неговите досегашни дела.
Балканологот Фридман досега има објавено 300 трудови и девет монографии и е еден од најголемите афирматори на македонскиот и на сите јазици од Балканот во светски рамки. лѓ/хс/14:32