Отворени саемите на книга и либрографика и на образование и кариера
Скопје, 8 април (МИА) - Книгата вреди повеќе од сите симболи со кои се украсени и насликани спомениците. Таа самата станува монумент во срцето на оној кој ќе ја прочита. Со овој египетски запис стар 3000 години премиерот Никола Груевски денеска ги прогласи за отворени 21. Саем на книга и либрографика и 12. Денови на образование и кариера, посочувајќи дека настанот ја потврдува праисконската жед на човештвото за пишаниот збор и дека и по три милениуми нештата не се измениле.
Шеесет и четири издавачки куќи ќе учествуваат на 21. Саем на книга и либрографика кој во втората и третата хала на Скопски саем ќе се одржува од денеска до 14 април. На саемска површина од 7.000 метри квадратни ќе се претстават домашни и издавачи од регионот. На најмасовната редовна културна манифестација во земјава ќе биде презентирана најновата книжевна продукција, жанровски разновидна литература, илустрирани изданија, канцелариски материјали и опрема. Саемот ќе организира секојдневни промоции на издавачите и средби со автори.
Од денеска до 10 април, пак, во четвртата саемска хала ќе се одржуваат 12. Денови на образование и кариера, на кои 37 државни и приватни високообразовни институции од Македонија и од 13 земји ќе ги презентираат своите наставни програми. Манифестацијата им овозможува на идните студенти да се информираат за условите за студирање и за можностите за стипендирање.
- И оваа година манифестацијата ќе ги соочи авторите и читателите на едно место, ќе воспостави комуникација со клучни теми, ќе ја поттикне читателката љубопитност и повторно ќе ги отвори широките хоризонти на светот.... Знаењето, образованието и книгата како основно средство за изразување, образование и комуникација, се полињата на кои Владата во изминатиот период засилено инвестираше, знаејќи дека со тоа инвестира во новите генерации и во подобра иднина на државата, истакна Груевски.
Тој посочи дека меѓу мноштвото изданија ќе бидат претставени и капитални проекти на Владата од областа на литературата и образованието, како едицијата „130 тома македонска книжевност“, проектот Превод на 500 учебници и стручни книги и Превод на литературни дела од добтиници на Нобелова награда за книжевност.
Груевски рече двата саема се исклучително интересни настана за младите поради нивниот информативен и едукативен карактер. - Образованието го подготува секој млад човек за предизвиците со кои ќе се соочува со животот, Во образованието е иднината на нацијата, во образованието е силата и моќта на човекот. Книгата, пак, е неизоставен дел од образованието и оттаму значењето и поврзаноста на овие два саема кои ќе бидат корисни за сите и ќе придонесат за развивање на соработката меѓу различни институции и компании, додаде премиерот Груевски на свеченото отворање на манифестациите и на учесниците им посака успешни саемски денови. хс/са/12:51